Преставници на Македонската федерација за хокеј на трева (МФХТ) најавуваат изградба на прв стадион со вештачка трева во Македонија, за овој спорт.


Тие остварија средба со директорката на ЈП „Билјанини извори“, Гордана Јованоска, балканскиот координатор за развој на хокејот на трева Антонио Антонов (Бугарија) и Михел Стал, еден од холандските донатори на спортска опрема за хокејот во Македонија, за разгледување на можноста за изградба на стадион со вештачка трева, кој би придонел за развој на хокејот на трева и би бил и од голем интерес за градот, со што би се привлекле голем број спортски екипи, како и организација на повеќе спортски манифестации и кампови.

Имаме одлична соработка. Одиме во вистинска насока и Охрид ќе го добие првиот стадион со вештачка трева – вели Татјана Димитриеска, технички секретар на МФХТ.


Во наредниот период ЈП „Билјанини извори“ ќе се погрижи за обезбедување локација, а Македонската федерација би ја обезбедила вештачката трева.- Јавното претпријатие со помош на локалната самоуправа Охрид, со особено задоволство ја прифати иницијативата на Македонската хокеј-федерација за изградба на првиот стадион со вештачка трева во Македонија. Ние како претпријатие во повеќе наврати изјавувавме дека без едно вакво игралиште нема да сме во состојба посериозно да се насочиме кон развојот на спортскиот туризам, како и развојот на спортот генерално. Во претстојниот период ќе направиме сé ова иницијатива да се реализира – рече Јованоска.

Во декември во спортската сала „Билјанини извори“, Македонската федерација ќе организира прв меѓународен божиќен турнир за деца до 12 и 14 години, на кој покрај учеството на домашни и екипи од Бугарија, се очекува учество на неколку екипи од Холандија.

М.П.