Носител на проектот, кој се реализира со финансиска поддршка на министерството за култура, е Елена Долоска, вработена во Библиотеката. Во неговото осмислување учествуваше и тим од библиотеката, предводен од директорката Александра Белевска и Милчо Јованоски, новинар и публицист .
На организираната дебата на која учествуваа лингвисти, писатели, теолози од Охрид, зборуваше и Владо Жура, познат новинар и публицист од Охрид, кој е автор на две книги во кои се опишува животот на Охрид во минатото. Жура се осврна на времето во кое творел и живеел Прличев, на тоа како гледале неговите сограѓани на неговото дело и бурните времиња низ кои минувал Охрид во тој период од историјата.
– „1762 лето“ е велелепна химна, не само против грцизмот, туку и општо против тиранијата. И ден денес восхитува и инспирира денешни уметници и е радо слушана и нема изгубено ни најмал дел од својата оргиналност од времето во кое настанала, истакна Жура.
Отец Никола Христоски од Дебарско – кичевската епархија зборуваше за Прличев и песната „1762 лето“ од аспект на црквата, црковниот живот и укинувањето на Охридската архиепископија, како и за значењето на црквата во тоа време и нејзината сестрана улога меѓу народот.
– Ова песна сеуште е жива и мноу пеена токму затоа што, истото што го чуствувал и за што се борел Прличев и ние се бориме. Оваа песна е всушност нашиот денешен глас, порака до сите оние кои постојано не негираат и сакаат да го нарушат нашиот идентитет, рече Отец Никола.
Во „Прличевата одаја“ во охридската библиотека е поставена и изложба на дела од тврештвото на Прличев и за Прличев кои ги поседува Библиотеката. Во соработка со Архивот на Македонија – Подрачно одделение во Охрид за првпат се обелоденети и копии од документи поврзани со животот на Прличев и неговата комуникација со семејството и пријателите.
Присутните имаа можност да ја слушнат песната „1762 лето“ во изведба на ансамблот „Билјана – Јуниор“, а денешната дебата ќе биде документирана како ДВД издание во сопственост на НУ. Библиотека „Григор Прличев“ .