Книгите на еден начин претставуваат духовна храна за човекот. Со нивното читање, не само што се збогатува вокабуларот кај поединците, туку се овозможува и културно обогатување. Во светот, ова „хоби“ зема се поголем замав, додека последниве неколку години овој тренд го следат и граѓаните ширум земјава.

Ако до пред неколку децении, за книгите се тврдеше  дека се читани исклучиво од повозрасната популација, денеска охриѓани се повеќе се љубители на пишаниот збор. Почнувајќи од „наметнатата“ литература во школските клупи, па се до романите, белетристиката и стручната литература која се нуди од издавачките куќи.

Сепак, голем дел од помладата генерација ги цени пишаните творби на македонските автори, а интерес постои и за светската литература. Дел од граѓаните своето слободно време го поминуваат читајќи нови книжевни дела, додека други мака мачат изнаоѓајќи простор покрај работните обрврски. 

Во слободното време кое тешко се наоѓа, преферирам да прочитам книги од македонската и странска литература. Од поомиленитете автори ми се Балзак и Достоевски, а тука се и делата на Пушкин, Ками, Хесе, Коељо и филозофските дела кои обработуваат религиозна тематика. Последно што прочитав е прирачникот за „Антиантиалкохоличари“ на Џамбазов.“ – вели Биљана Георѓиевска.

Друга наша сограѓанка, вели дека читањето книжевни творби од литературата, на еден начин претставува збогатување на човекот. „Книгите се духовна храна преку кои се збогатува речникот. Она малку слободно време кое го имам пред спиење, го користам да прочитам дел од некоја книга. Последната која ја прочитав е „Мојата вера“ од Херман Хесе, во која писателот ни ги претставува филозофските размисли за тоа што значи релгијата.“ – вели Лидија Размоска.

Нашиот поет и публицист Мишо Јузмески, смета дека кога станува збор за македонското културно и читачко поднебје, констатацијата е дека граѓаните и младите ретко читат. Според него, во земјава се чита она што е задолжителтно во образовниот процес, а малкумина се оние, кои ги „листаат“ книгите по сопствена волја.

Граѓаните претежно читаат одредена стручна литература, која им е потребна за дејноста со која се занимаваат. Тука се и популарните романи кои во моментов се доста актуелни. Конкретно за мене, сум читал различна литература од повеќе јазични подрачја. Последниве неколку години сум преокупиран со странските дела, во кои спаѓаат сите жанрови. Тука се стручните книги од обласите на лингвистиката и историјата, односно културата. Моментлано се фокусирам на книгите од холандскиот писател Долард, кои ги има околу 50-тина.“ – вели Јузмески.

Во книжарите низ градот, најголема побарувачка има за детската литература и популарната белетристика. Според информациите на една издавачка куќа од централното градско подрачје, позитивната страна е што полека се враќаат читателите на пишаните дела.

Една од најпозитивните работи е што граѓаните полека препознаваат дека книгите се вистинско богатство. Има доста што читаат на интернет, но материјалната форма на делото дава живост. Најголема побарувачка има за време на саемот на книгата во април, односно за време на новогодишните празници. Најбарани се енциклопедиите и белетристиката  за тинејџери. Имаме одлични изданија, меѓу кои популарниот македонски серијал „Озборувачка“. “ – потенцираат од една издавачка куќа.

Исто така, доста барани се трилерите, додека психолошката литература и љубовните романи многу поретко се купуваат. Од македонските автори, најмногу се прелистуваат книгите на Горјан Петрески. „Во последно време намалена е побарувачката за книгите од типот на „Моќта на потсвеста“. Белетристиката за возрасни од типот на „Пустински цвет“ и „Црвеното сари“ се едни од најпродаваните. Македонските автори потешко се снаоѓаат со повторното издавање, но секако тука ќе ги издвоиме лектирните изданија на Горјан Петрески. Друг баран писател од нашето поднебје е Сашко Тасев и одличните дела на единствениот Венко Андоновски. Како и да е, младите се повеќе се ориентирани кон светските бестселери, а причината најверојатно е недоволната промоција на нашите творци.“ – додаваат од оваа издавачка куќа.

Како и да е, модниот тренд на читање книги се враќа меѓу охриѓани, а радува фактот што се повеќе млади, духовно обогатуваат преку пишаните творби.

O.T.