Во организација на националната Библиотека „Григор Прличев“ и Почесниот Конзулат на Руската Федерација во Охрид, денес се реализира настанот „Историјат на украсување и бојадисување на велигденски јајца во Русија од древноста до колекцијата Фаберже“. Како што истакна почесниот конзул на Руската Федерација во Охрид проф.др. Велимир Стојковски, рускиот и македонскиот народ се многу блиски и затоа треба да знаат повеќе за нивните традиции кои во многу работи се слични.

– Не поврзува припадноста кон православието, кон заедничките историски корени. Македонскиот и рускиот народ се два цивилизациски народи кои се длабоко вткаени во светските цивилизациски придобивки со своите културни, културолошки, историски и други придонеси, нагласи конзулот Стојковски.

Русинката Елена Обухова, која веќе седум години живее во Охрид раскажува за руските обичаи за Велигден за кои вели дека не се толку искомерцијализирани како во Македонија, но сепак во основа се исти.

– Во Русија во најголем број се бојадисуваат црвени јајца, а другите се јајца кои се бојат со восок. Се даваат на новороденчиња, младоженци и на гробишта. Исто како и тука црвените јајца се бојадисуваат на Велик четврток сабајле, а останатите во различни бои во сабота. Во минатото се верувало дека највредно е јајцето кое ќе ви го даде свештено лице и дека има лековита моќ. Ако се јаде ќе донесе здравје дури и ако се чува цела година, или од 3 до 12 години. Во Русија исто така се верува дека лушпите од јајцата кои се носат во црква не треба да се фрлаат бидејќи ќе дојдат самовили, ќе направат кајчиња и ќе избегаат или оној кој ќе ги фрли лушпите ќе се разболи од треска, раскажува Обухова.

Во рамки на оваа активност посветена на претстојниот празник Велигден, посетителите имаа можност да слушнат предавање за историјата и современите тенденци на уметноста на украсување на јајца, а исто така можеа да земат учество во работилницата за уметничко украсување на декоративни велигденски јајца.

OhridNews