Се пoизразениот притисок врз животната средина, урбанистичката експанзија и загрозувањето на културно историското наследство, се причина за загриженост на стручната јавност, која со години предупредува дека не се води доволно грижа за вредностите поради кои Охрид е под заштита на УНЕСКО.

Загриженоста ја делат и граѓаните. Тие сметаат дека недоволно се чуваат природните и културните вредности поради кои Охрид е под заштита на УНЕСКО, на што укажуваат и резултатите од онлајн анкетата што деновиве за свои потреби ја спроведе OhridNews.

Стручната јавност неодамна предупреди дека непочитувањето на стандарите за заштита на културното и природното богатство сериозно може да го загрозии статусот на вредностите кои се прогласени за светско наследство. Според неа новите големи објекти кои се градат на Плаошник, може значително да ја намалат автентичната вредност на просторот.

Објаснување што точно се гради на Плаошник побараа и градските советници, кои упатија апел до локалната самоуправа детално да се информира какви се зафати се предвидени на просторот кој има големо значење и за христијанските и за муслиманските верници. 

Загриженост за состојбите во Охрид изрази и УНЕСКО. Најавено е доаѓање на експерти на светската организација во Охрид за одблиску да се запознаат со проектите кои се изведуваат или се предвидуваат во заштитените зони, како Плаошник и крајбрежјето на Охридското Езеро кај Љубаништа каде индискиот бизнисмен Субрата Рој сака да гради луксузен туристички комплекс. Од националната комисија на УНЕСКО уверуваат дека статусот на Охрид како светско природно и културно наследство заштитено од УНЕСКО не е загрозен. Според нив најавената посета на претставници на светската организација на Охрид е информативна и е дел од континуираната соработка со надлежните државни институции кои редовно комунициираат со централата на УНЕСКО.

OhridNews