Настаните поврзани со локалните избори, кои изминативе неколку денови ја тресеа охридската јавност, уште еднаш покажаа колку може да биде суров изборниот процес. Политичарите, но и дел од медиумите, во најмала рака не бираа средства за да го „оцрнат“ полтичкиот противник.
Иако кандидатите за градоначалници во повеќето општини ширум земјава потпишаа Кодекс на однесување за слободни и фер избори со кој се заложија за соодветно изборно однесување, по се изгледа дека овој кодекс важи само на хартија.
Охридската јавност, по социјалните мрежи најостро ги осуди настаните и случките, во кој инволвирани беа средношколци, деца, професори како и семејни фотографии, алудирајќи дека оваа изборна кампања е една од најсуровите од осамостојувањето на земјава.
„Ова што и случува на Македонија, воопшто не личи на една кампања водена по европските стандарди. Секојдневно сме изложени на меѓусебните обвинувања на кандидатите за градоначалници, не само во Охрид, туку низ сите општини во земјава. Би им препорачал на политичарите, да си го гледаат својот двор и да се заложат што подобро да ја претстават својата програма, а помалку да се осврнат на работата на своите политички противници.“ – вели револтиран охриѓанец, кој инсистираше на анонимност.
Со ваква констатација е и носителот на независната советничка листа, Павел Попоски. Тој на вчерашната прес-конференција, истакна дека за оваа изброна кампања очекувал едно повисоко ниво на однесување од страна на политичарите.
„Очекував дека после пред четири години од одржувањето на кампањата за избор на градоначаник, ќе достигнеме едно повисоко ниво. На жалост, кампањите за избор на градоначалник, се сведуваат на разни меѓусебни навреди и разни обвинувања. Тоа не е добро за градот и за самите граѓаните.“ – истакна Попоски.
Граѓаните забелешки имаат и на дел од медиумите, кои очигледно пренесуваат информации во корист на двете најголемите политички партии, без притоа да ги поштедат семејствата и блиските на кандидатите за градоначалник, од навреди и омаловажувања.
„Зарем медиумите можат да си дозволат такви валкани вести, кои го уништуваат угледот на луѓето. Па ставете прст на вашата глава и замислете се, какви би биле последиците од една таква информација. Зарем политиката и трката по вести, ви го згази целото достоинство и човечанство. Без разлика за која политичка партија се работи и чиј углед, на некои вести местото не им е во политиката.“ – стои во еден коментар на социјалната мрежа „фејсбук“.
Со оглед на тоа што се ближи денот на изборите, се очекува изборната кампања да добие уште пожестоко темпо.
O.T.