На Охридскиот пазар збогатена е понудата на производи за традиционалната македонска зимница, но охриѓани поради се потенкиот семеен буџет, тешко се одлучуваат за купување на пиперки за ајвар како и други производи за зимница.
Според малобројните купувачи на пазарот повеќето граѓани мака мачат да го истераат со пари крајот на месецот и затоа се откажуваат од бројни работи, па така и од традиционалниот ајвар.Навистина цените се нешто поголеми од лани, но немаштијата си го прави своето.
-Со нашиот семеен буџет не можеме да купуваме како лани.Минатата година зедовме многу, а оваа година не можеме.Премногу чувствуваме скапотија, а пензиите и платите не се помрднати.Цените се зголемуваат на сите производи на пазаров, да ти е страв да одиш на пазарење. – велат охриѓани.
 -Понудата е добра но купувачи речиси нема. – истакнаа “тезгаџиите”.Сметаат дека пиперката за ајвар, чија цена се движи околу 25ден. што е за 2-3 денари повеќе од лани, не е скапа но се купува се помалку.
-Видете денеска е петок, убав ден за пазарување, но Охридскиот пазар е речиси празен. – се слушаа гласните коментари на пазарџиите.Тие додаваат дека и останатите земјоделски производи потребни за зимница ги има повеќе од доволно, но остануваат непродадени.
Топлото и сушно лето ја забрза бербата на грозјето во нашата земја и речиси завршува откупот и продажбата, посебно на винското грозјето, а цените се сепак поголеми од лани. Поквалитетните видови на грозје за вино со понуда на големо се движат од 17-18ден. за кг. кај црното и 13-15ден. белото грозје, што е како и кај пиперките во однос на лани поскапо за 2-3 денари. За оние кои сега се одлучуваат за полнење на своите бочки, сеуште може да се најде грозје по овие цени.
 
Кога се работи за десертното грозје, чии цени се движат помеѓу 30-50 денари, во понудата го има доволно, но според продавачите ретко кој одлучува да купи повеќе од еден килограм. „Се нема пари“, велат продавачите на грозје. 
З.А.