Пред една недела сопружинците Богоја и Илинка Ѓорѓиоски, го искористија нивниот Златен јубилеј, педесет годишнината од бракот, за да го крунисаат со венчавање, овој пат пред свештеник и во црква.

Така доскорешниот брак, кој поради тогашните комунистички услови бил озаконет само пред матичар, нив ќе им одземе толку долг период за да ја поправат наметнатата грешка. Обновениот брак помеѓу Богоја и Илинка Ѓорѓоски се одржа во црквата Св.Никола (Вардар) во Норт Перт, Австралија, а него го изврши парохискиот свештеник Веско Каранфиловски. За оние кои незнаат, убаво е да им дадеме објаснение дека во Перт има две цркви со исто име на Свети Никола, поради распознавање тие се именуваат едната со Вардар, а другата со Егеј.


Пред олтарот од овој македонски црковен храм и пред бројните роднини и пријатели, секако и пред своите четири деца, двајца зетови и шест внучиња, свештеникот Каранфиловски од сопружиците и по педесет годишен заеднички живот повторно побара за да го изговорат судбоносниот збор Да! По венчалниот  чин, присутните им честитаа на старите – нови супружници, и се придружија на веселбата.

-Кон ваквиов чин пристапивме поради олеснение на духовните состојби кои гордо ќе не водат низ идниот наш заеднички живот – кратко ни изјави зетот Богоја.

Богоја и Илинка се родени 1938 година во село Волино, Охридско. Тие склучија брак во 1960 година, а веќе во1965 година Богоја ќе му рече збогум на семејството Ѓорѓиоски, на Волино, Охрид и Македонија и ќе се досели во гратчето Грингила (80 км оддалечено на југ од Сиднеј) каде ќе се вработи во најголемата Австралиска ливница Стилворк. По две години му доаѓа сопругата Илинка со двете ќерки Благица и Виолета, каде фамилијата им се збогатува со уште еден член, им се раѓа синот Бонче. Во 1977 година фамилијата Ѓорѓиоски го напушта Грингила и се доселува во главниот град на Западна Австралија, Перт. Овде ќе им се роди и синот Крис. Богоја лебот за себе и за семејството ќе го вади работејќи по свитите планински рудници во Општината Пилбара (1500 км. на север од Перт). Подоцна Богоја ќе се вработи во Градската железница од каде ќе заврши како инвалидски пензионер Богоја е познат активист во Македонската заедница како во Грингила, така и во Перт. Неуморно работи во формирањето на ФК Грингилски лавови, во црковните општини Св. Никола, во спортските клубови Македонија, Вардар и Илинден, во КУД Никола Карев и во други друштва и организации каде се промовираше Македонија и македонската идеја.

Топли честитки до сопружинците со желби да доживеат и да го прослават и својот Дијамантски јубилеј.

Иван Трпоски