Охриѓани не остапуваат од традицијата, повеќето од нив вечерва со богата трпеза со месо, колбаси на жар, ја слават Василица и Старата Нова година. За разлика од останатите градови и места низ земјава, каде паричката се бара во комат, баничка, пита, вечерва неизоставен дел од трпезата на охриѓани е топејнцата.

– Тоа е варено тесто кое се пече, потоа се дроби на ситни парчиња, се зашеќерува  и се става во мали чинии. Во едно од чиниите се става паричката, раскажува дипломираниот етнолог, Оливера Мишева.


Како што забележал познатиот хроничар, Ефтим Спространов: „ На Свети Василија во секоја куќа се прави топејнца или топеница. На огнот се става вода и кога ќе почне да врие, тураат чисто брашно од пченица и го варат како што се вари качамак. Потоа го мешаат и го месат на топчиња кои откако ги прскаат пред и после, ги сплескуваат како кравајче во тепцијата со масло или маст ( свинска ). Така сплескана кашата ја шараат со лажица во вид на полукругчиња ја попрскуваат уште со масло забодуваат одгоре дреново праче и ја праќаат на фурна да се опече. Во зората на 1-ви јануари домаќинката ја раздробува на ситни касаи, пак ја прска со масло и пак ја потпечува. Дури откако касаите ќе закоравејат, ја вадат и ја ставаат на трпезата за јадење, се разбира од другата страна. Пред да почнат да ја јадат, мешаат во неа „старска пара“. Домаќинот зема во рака касаи, ги крева нагоре и ги пушта по малку во тепцијата, откако ги дува. Тоа е за да има ветер пред вршидбата и да се вее житото. По неколку благослови наменети на новата година почнуваат да јадат и ја бараат „старската пара“. Кој ќе ја најде тој се смета за касметлија.


– Василичарските обичаи се изведуваат низ цела Македонија и речиси низ целиот Балкански Полуостров. Но, обичајот за приготвување на лепче со паричка повеќе е карактеристичен за југозападниот дел од нашата земја, додека во другите делови се изведува на Бадник. Карактеристично за вечерта на Василица е и што голем број семејства во Охрид, традиционално заедно со пријателите, играат и карти, тромфи, купчиња со бајами, со пари, објаснува Мишева.

OhridNews