Речиси и да нема вработен охриѓанец кој нема месечна обврска за рата, во некоја од банките поради банкарски кредит или кредитна картички, велат вработените во филијалите и експозитурите на неколку банки во Охрид. Според нив, најголем интерес има за потрошувачките кредити во мали износи и на краток рок.

-Охриѓани најчесто подигнуваат ненаменски потрошувачки кредити во износ од 1.500 евра до 5.000 евра. Основен услов за подигање на ваков кредит се просечните месечни примања. Од наменските кредити, најчести се оние за купување на возила, а во последно време актуелни се и студенските кредити, кои се нудат во последните неколку години, велат банкарите.

Освен кредитите, актуелни се и кредитните картички со одреден лимит на средства, кои на граѓаните им овозможуваат да купуваат на рати.

-Имаме клиенти кои се задолжени со неколку кредитни картички, па често се случува да не можат да ги отплатат ратите. Поради тоа во последно време нудиме и кредити за рефинансирање, па голем број граѓани се одлучуваат да ги затворат своите  кредитни картички, појаснуваат банкарите.

Според нив голем е бројот и на граѓани кои се задолжени и со поголеми кредити на подолг рок за отплата, а како гаранција, под хипотека ги имаат ставено своите станови и куќи.

-Имаме подигнато станбен кредит од 30.000 евра со рок на отплата од 20 години. Како гаранција го имаме ставено под хипотека истиот стан кој го купивме со кредитот. Месечната рата ни е околу 10.000 денари, така што целата моја плата ја давам за кредитот, а со платата на сопругот ги покриваме другите трошоци. Плаќањето на кредит е тешко, но само на овој начин можевме да го решме нашето станбено прашање, вели млада охриѓанка.

Во поголемите работни организации и институции низ Охрид се позачестено е синдикалното купување со задршка од плата. За овој начин на купување установата склучува договор со продавници, бутици, производители или слични други субјект, од каде вработените можат да купуваат или да користат услуги  на рати, за што подоцна им се одбива од плата.

Оние охриѓани кои не се вработени и кои не исполнуваат услов за кредитоспособност, наместо кај банките се задолжуваат кај локалните трговци, каде пазаруваат на почек и на рати. Како причина за одложената наплата, трговците ја наведуваат кризата и беспарицата со која секојднавно се соочуваат граѓаните.

Во дел од малските маркети постојат и посебни тетратки за вересија, во кои се води евиденција на должниците. Сопствениците на овие маркети велат дека во вересијата гледаат начин на егзистенција бидејќи големите супермаркети се почесто им ги земаат муштериите.

Е.М