Охриѓанката Кристина Димитриоски-Велјаноска (32) која живее и работи во Германија е прогласена за најдобар вонреден студент од страна на Академијата за вонредно студирање во Хамбург и германскиот форум „DistancE-Learning“.

Оваа престижна награда и била доделена во рамки на на свечената цермонија која се одржала на 16-ти ноември 2015 година во Берлин.

Кристина со Ј.Дикман, презентер на Академијата и М. Фретер, претседател на Форумот „DistancE-Learning“

Кристина заминала на студии во Германија на 19 години и завршила банкарски менаџмент во Диселдорф, по што се вработила како Финансиски консултант за физички лица во банкарскиот сектор. Во потрага по нов професионален предизвик таа започнала да студира Економски бизнис-менаџмент со специјализација-Controlling на Академијата за вонредно студирање во Хамбург и дипломирала во рекордно време со просечна оценка 10. Овој извонреден успех го постигнала и покрај работните обврски и должностите како мајка на две мали дечиња.

-Да студирам и истовремено да одам на работа и да се грижам за моите мали деца беше голем предизвик, но бев упорна и сакав да ја остварам мојата цел, затоа што знаев дека потоа ме чека подобар живот. Како што вели поговорката: Учењето има горчливи корени, но раѓа слатки плодови. Многу ми е драго што сега веќе ќе можам да ги берам моите плодови, вели Димитриоски-Велјаноска.

Благодарение на новата диплома, веќе добила унапредување на своето работно место.

-Кога завршив, добив шанса во мојата фирма да се качам на хиерархиската скала. Денеска сум среќна Controlling -Соработничка за економски и бизнис-анализи. Со оваа промена на работното место ми се оствари еден голем сон, објаснува Димитриоски-Велјаноска.

Како резултат на нејзиниот голем образовен успех и добиената награда, во дел од Германските медиуми таа е посочена како пример за други млади родители кои сакаат професионално да се реализираат во кариерата.

OhridNews