Изминативе години се повеќе охриѓани се дел од меѓународни ученички натпревари од различни научни области, кои со своето знаење претставуваат вистински амбасадори на градот и земјава вон границите на Македонија. Теодора Бујароска, ученичка во 3-та година во гимназијата ОСУ „Св. Климент Охридски“, е талентиранa mатематичарка, која ќе биде дел од македонската репрезентација на претстојната балканска и светска олимпијада.
Во нејзиното портфолио се наоѓаат бројни пофалници, награди, одличја и успеси уште од основношколските денови, а веќе три години е државен првак по математика во својата категорија.
„На натрпеварите по математика започнав да одам уште во основно училиште на иницијатива на мојот наставник Лазо Ангелоски, кој веруваше во мене и кој мислеше дека треба да пробам. На почетокот се плашев од неуспех и бев скептична, но денес му благодарам, бидејќи да не беше тој упорен, немаше да сум тоа.“ – вели Бујароска.
Во осмо одделение сребрен медал од балканијадата во Кипар
Бујароска, својот талент по математика го докажува како ученичка во ОУ „Христо Узунов“ во 2011 година, како дел од македонската репрезентација на балканијадата одржана во Кипар.
„На балканијадата освоив сребрен медал, што претставуваше голем успех за мене. На национално ниво, секоја година земам прва награда, а веќе три години сум државен првак во мојата генерација. На македонската олимпијада, оваа година освоив сребрен медал, додека пред две години се стекнав со бронза. Тука се и дипломите од основно училиште, меѓу кои први награди, златни одличја и пофалници.“ – објаснува Бујароска.
Циклусот на натпревари започнува во февруари
Натпреварите по математика на регионално, односно државно ниво започнуваат уште во месец февруари. Како што објаснува Бујароска, регионалниот натпревар претставува вистински вовед за она што следи потоа.
„Најпрво секое училиште организира свој училишен натпревар, на кој се одбираат децата кои ќе го претставуваат училиштето. Потоа следи регионалниот, односно започнува вистинскиот циклус. Најдобрите, околу 40-тина ученици од секоја година, одат на државен натпревар, а потоа оние кои се покажале одлично продолжуваат на македонската олимпијада каде се одбира тимот кој ќе ја претставува Македонија, односно се составува репрезентацијата.“ – вели Бујароска.
Најголема поддршка семејството, менторот и пријателите
Како што истакнува нашиот соговорник, најголемата поддршка околу натпреварите по математика ја добива од своето семејство, другарките, но и од менторот, проф. Валентин Чачор.
„Најголемата подршка ја добивам од семејството. Тука се и другарките, кои секогаш ми посакуваат среќа кога ќе одам на натпревар, се јавуваат да дознаат како сум поминала. Голема подршка добивам и од менторот, кој прави се во негови можности. Исто така, тука е и самото училиште кое досега се покажало добро.“ – истакнува Бујароска.
И покрај математиката, слободно време се има за различни активности
Подготовките за натпреварите по математика зависат од секој поединец. Како што вели Бујароска, секој на свој начин си го организира своето време.
„Пред натпреварот се спремам околу две недели, но сето тоа зависи од самите индивидуи. Слободно време имам, во вечерните часови тренирам пилатес и аеробик, а секогаш наоѓам време да прочитам добра книга или да излезам со другарките за време на викендите.“ – вели Бујароска.
На студии на некој од престижните факултети во странство?
Нашата сограѓанка потенцира дека плановите за во иднина се директно поврзани за математичката наука.
„Искрено сакам да студирам во странство. Сметам дека можностите таму се многу подорби оттука, како за живеење, така и за работа. Оваа година ми е најважна, бидејќи апликациите за престижните факултети започнуваат од следната година. Кога сме кај олимпијадата, нормално дека сакам да постигнам значителен успех и да бидам гордост на Македонија и тимот. Тоа многу ќе ми значи, со оглед на тоа што сертификатот е од светско ниво и многу вреднуван за понатака.“ – завршува Бујароска.
O.T.