Едни го критикуваат, други го посакуваат, а сите на различен начин го толкуваат значењето на најголемито празник посветен на жената, 8-ми Март. Сепак понежниот пол  со заеднички став – на жените им е потребно внимание преку целата година, а за овој ден доволно е само скромен подарок во знак на почит.

За овој ден не е  битно дали ќе биде подарена една ружа, туку битно е вниманието и признанието на жената. А инаку претставничките од понежниот пол,  имаат потреба од внимание преку целата година.“ – вели Силвана, од цвеќарата „Мартина“ во централното градско подрачје.

Најчесто се купуваат ружите, некои одлучуваат да подарат  букет, а оние со подлабок џеб обезбедуваат патувања за своите сакани. Претседателката на ЖЦ „Бисера“, Нада Мартиноска, смета дека непотребни се прославите, скапите подароци и патувањата кои го олеснуваат џебот на граѓаните.

Порано кога не бев дел од овој невладин сектор, го празнував 8-ми Март како и сите жени. Меѓутоа ја сфатив суштината што всушност претставува овој ден, бидејќи порано никој нам не ни го објаснил за значењето. Меѓутоа една подарена ружа ми прави чест. Но навистина ова што се случува со прославите во Македонија и околните држави е непотребно. “ – вели Мартиноска.

Таа истакнува дека припадничките на понежниот пол треба да бидат благодарни, што жените пред нив се бореле за денес да можат да ги уживаат правата и слободите еднакво со мажите.

Жените порано живееле во многу тешки услови. Но тие се избориле и овој ден е една благодароност за нивната борба. Меѓутоа кај нас се уште има проблеми, особено во приватниот сектор. Имаме податоци дека жените се уште работат со продолжено работно време и ниско се платени. Но радува фактот дека имаме голем број кои се интелектуалки и си го зазеле своето место во општеството. Сметам дека заслуга имаме ние од невладините организации на чело со Сојузот на организации на жени  на РМ, која ја поведе камапањата уште 95-96-та година – „51 отсто за“.“ – додава Мартиноска.

Нашата сограѓанка од невладиниот сектор, истакнува дека преку континуирано лобирање во изминативе години и формирање на клубот на пратенички, успешно се изменети неколку закони кои придонеле за подобрување на положбата на жената во општеството.

Како на пример промена на амандманите во Законот за семејно насилство. Го имаме и Законот за еднакви можности, кој е во имплемнентација. Секако дека имаме добар успех, односно некаде над 30 отсто од парламентарците се жени, што е репер за состојбата.“  – вели Мартиноска.

Таа истакнува дека иако положбата на жените во земјава е далеку од некои земји членки на ЕУ, сепак Македонките уживаат повеќе права во однос на жените од нашите соседни држави. Мартиноска потенцира дека борбата мора да продолжи, бидејќи сепак треба поголема еманципација во политичкиот живот.

Горди сме на успехот,  но треба да продолжиме. Не сме на ниво каде треба да застанаме и да речеме готово. Сега пред нас се локални избори. Задоволни сме со советничките листи, жените имаат 30 отсто застапеност. Но жени кандидати за градоначалнички имаме многу малку. Тоа се само четири кандидатки. Мора на тоа повеќе да се поработи. Но ние продолжуваме по теркот како работатат жените во светот. “ – потенцира Мартиновска.

Инаку, идејата за одбележување на посебен ден посветен на жените, потекнува од почетокот на 20-от век, а на неа посебно инсистирало социјалистичко движење. Првиот Ден на жената бил одбележан на 28 февруари 1909 година во САД, по иницијатива на Социјалистичката партија на Америка. Во тоа време, жените на масовни собири претежно во западниот свет, бараа право на работа, иста плата за иста работа, еднакви можности за работа и образование, слободно воспитување на децата и можност за бесплатно згрижување на децата, безбедна контрацепција и легална и безбедна можност за абортус. На Социјалистичката интернационала во Копенхаген во 1910 година предложено е одредување на Меѓународен ден на жената со кој треба да се одбележи движењето за правата на жената, а за прв пат тој официјално е одбележан на 19 март 1911. Во 1975 година со Повелба, ОН предложија за Меѓународен ден на жената да се одбележува 8-ми Март.

O.T.