Гласањето во Охрид се одвива тековно и без проблеми. Гласачките места беа навремено отворени, а граѓаните од раните утрински часови се излезени да го остварат своето гласачко право.

Охриѓани очекуваат фер и демократски избори, подобар живот, но и активен претседател, велат во анкетата за OhridNews.

  • Очекувам фер и демократско гласање, нека победи тој што ќе добие најмногу гласови. Од идниот претседател моите очекувања се дека ќе работи за афирмација на Македонија, за средување на овие неповолни настани што се случуваат во нашата држава и на меѓународен план дека ќе биде поактивен.
  • Да нема проблеми да е убаво. Се надевам дека мојот кандидат ќе победи.
  • Очекувам да биде се во ред, демократски да си избереме претседател. Да биде активен да не биде на годишен одмор пет години, активно, активно, активно.
  • За избориве да бидат фер, да си изберат луѓево тоа што мислат, кој е најдобар, да ни биде подобар понатаму животот, и за нас постарите малку поголема грижа да водат за здравјето.
  • Очекувам да биде се во ред да нема проблеми на гласачките места, да заврши како што треба. Нешто посебно не очекувам, немаме големи ингеренции, но мора да се помине постапката.
  • Нашето избирачко право го оставривме денес во раните утрински часови и се надеваме дека ќе биде за нас пензионерите подобар животот. Очекуваме фер и демократски избори да бидат. Се надеваме за се најдобро за нас пензионерите, а исто и за младите да не ни одат подалеку од нас. Се надевам дека со новиот претседател ќе ни биде подобро и се поуспешно.

Според тоа што можевме да го забележиме на терен, но и според изјавите од претседателите на Избирачките одбори гласањето се одвива во мирна атмосфера и тековно.

  • Гласачките места во ОМУ „Методи Патче“ беа отворени навремено во 6 часот утринава. Согласно насоките на ДИК пристапивме кон подготвување на гласачкото место и припрема за работата со убиг апаратот. Во 7 часот започна гласањето и во текот на денов се до 9 часот гласањето се одвива нормално со нормален тек, вели претседател на претседател на ИО во ИМ 1273, Белинда Андоновска.
  • Навремено се отворија гласачките места во 7 часот. Гласањето тече спонатно, нема ни преголема гужва сеуште, има засега доволен број се надевам на излезност. Се надеваме подоцна излезноста да е зголемена. Во ова избирачко место гласаат 683 гласачи, а досега колу 40 гласачи се излезени, вели Соња Здравеска, претседател на ИО во ИМ 1262.

На територијата на Општина Охрид во единствениот избирачки список регистрирани се 51 717 лица кои денес треба да го остварат своето право на глас.

Н.С.Ј.

видео/фото. Б. Стојаноски