Друштвото на писателите на Македонија неодамна го прошири своето членство со шест авторки и автори. Меѓу новите челнови на ДПМ се и Марина Икономова Шокева и Енис Хилми од Охрид. Покрај нив на последната одржана седница, управниот одбор на Друштвото изгласа за негови нови членови да бидат примени и Митко Бојаџиски, Ана Витанова-Рингачева, Дијана Петрова, Тодор Јовчевски.
Марина Икономова – Шокева е родена 1966 г. во Охрид. Дипломирала на катедрата за англиски јазик и книжевност и работи како професорка во Охрид. Авторка е на четири стихозбирки: „Слики од бунарот“ (2017, Ѓурѓа), „Директни обраќања“ (2019, ПНВ Публикации), „Светот и јас“ (2021, ПНВ Публикации) и „Модра мрежа“ (2024, ПНВ Публикации). Нејзини песни се објавувани во повеќе поетски алманаси и списанија, печатени и електронски, во Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, како и во Грција и Албанија. На англиски јазик е застапена на страницата на „Ledbury Poetry Festival“ и во американските списанија “Superpresent”и “Poets and places”.
Во 2019 година на онлајн натпреварувањето во Италија „Quando e la vita ad invitare“ ја добива втората награда во странската конкуренција, а истата година е добитничка и на специјалната награда „Антево слово“ во Сицилија. Во 2025 година станува лауреат на истиот конкурс, освојувајќи ја првата награда. Учествува на значајни поетски фестивали и читања во земјава и регионот Застапена е во антологиите „Самодиви“ (македонска поезија пишувана од жени), „Охридските поети“ и „Антологија на копнежот“. Авторката е дел од уредничкиот тим на списанието за култура, литература и уметности „(е)Лит.“.
Енис Хилми е дводомна прозна авторка (Охрид, Македонија и Берлин, Германија) која течно говори македонски, турски, англиски и германски јазик. Авторка е на збирката раскази „Берлин – градот што не го засакав од прва“ (Темплум, добитник на наградата „Новите!“ за најдобар дебитантски прозен ракопис за 2025 година), како и на романот „Само уште еден скок“ во издание на Светулка нова (2025). Енис Хилми има тринаесетгодишно професионално искуство како државен службеник во областа на културата и економијата. Била хонорарна соработничка во голем број списанија во Македонија и Германија, вклучувајќи ги Форум, Плус и Глобус од Скопје и German Times од Берлин. Голем број раскази од збирката раскази „Градот што не го засакав на прва“ се објавени на порталот за култура Окно. Исто така, била советничка во Секторот за мултилатерална соработка, самостојна советничка во Одделението за соработка со Балкански земји и Секторот за меѓународна соработка, како и долгогодишна менаџерка на арт-кафе и организаторка на културни настани.
OhridNews












