Општинската изборна комисија ги објави конечните резултати од изборите за градоначалник на општина Охрид и членови на советот.
Како што истакна претседателката на ОИК, Марика Костадиноска, кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, д-р Никола Бакрачески, е избран за нов градоначалник на Охрид во првиот круг.
Според податоците на ОИК, Бакрачески освоил 21004 гласови, кандидатот на „Сојузот на иднината“ Александар Петрески 13250, СДПМ со Александар Митрески 471, ДПА со Фетах Елмази 351 и СДУ со кандидатот Васил Ристески 235 гласови.
Конечните резултати на ОИК покажуваат дека мнозинството во новиот општински совет ќе го има коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ со 12 членови, а потоа следат „Сојуз на иднината“ со 8 и по еден член од независните советнички листи на Павел Попоски, Кујтим Усеини и Љупчо Настоски.
„За членови на совет беа пријавени 13 листи. НДП 98 гласа, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ 15592, ДУИ 595, СДУ 267, ДПА 498, група избирачи Павел Попоски 1839, СДСМ и коалицијата 10231, ДОМ 351, Љупчо Настоски 1436, Група Избирачи Зоран Стевоски 613, Александар Станкоски 887, Кујтим Усеини 2287 и ЛПМ 635 гласа.“ – информира Костадиноска.
Таа додаде дека овие се конечните резултати од изборите одржани на 24-ти март, а течат роковите за поднесување приговори.
„Сакам да изразам голема благодарност до медиумите, набљудувачите и претставниците кои беа вклучени во изборниот процес, за добрата соработка. Во моментов течат роковите за пријавување приговори. Тие се поднесуваат до ДИК, а рокот е 48 часа од поднесувањето на првичните резултати.“ – додаде Костадиноска.
OhridNews