Од општинската ВМРО- ДПМНЕ информираат дека предлозите со имиња се испратени до централата во Скопје од каде во текот на идната недела ќе треба да се изјаснат околу конечната предлог листа, на која ќе треба да се најдат и членови од коалиционите партнери.
Опозицијата повторува дека додека не се реши големата политичка криза во Македонија, не може да се зборува за учество на локалните избори.
– Во Македонија не функционира уставниот поредок и парламентарната демократија. Додека не се реши настанатата политичка криза не може да се зборува за учество на локалните избори, вели Митре Велјаноски од СДСМ.
И од општинските ЛДП и ВМРО- Народна партија со сличен став.
– Лицемерно е да се зборува за подготвување на советнички листи се додека се зборува за опција да се бојкотираат локалните избори, изјави за OhridNews претседателот на ОО на ЛДП, Дејан Блажески.
И од ВМРО- Народна партија потенцираат дека ќе се почитува ставот на останатите коалициони партнери од „Сојузот за иднината“.
Од друга страна, премиерот Никола Груевски, смета дека опозицијата сепак ќе учествува на локалните избори.
– Тоа ќе го направат од повеќе причини, прво заради притисокот на нивното членство внатре во партијата и второ затоа што и во таа партија, можеби не толку многу во врвот на партијата, но во членството има луѓе на кои што државата им значи и нема да дозволат ниту еден престедател на партија да игра само за себе, рече Груевски.
Рокот за поднесување на Листи на кандидати за членови на советот и листата на кандидат за градоначалник , од страна на овластени претставници на предлагачите до ОИК , завршува на полноќ на 16- ти февруари.
Додека пак, рокот за собирање потписи и поднесување на листа на кандидат за градоначалник на општината и листи на кандидати за членови на советот на општината , од група избирачи, завршува утревечер на полноќ.
Од ДИК велат дека информации за тоа колку независни листи се поднесени до општинската изборна комисија ќе соопштат во недела.