Околу 200 илјади граѓани во земјава имаат некоја форма на бубрежно заболување, а на дијализа одат 1.600 пациенти во 23-те центри низ државата.
Дијализата е најчесто застапениот метод во земјава за третирање на крајниот стадиум на бубрежната болест кога двата бубрега повеќе не можат да ја извршуваат функцијата. Пациентите поминуваат од 4 до 5 часа за да им се прочисти крвта од сите отрови и вишок вода во организмот.
Секој втор четврток во март се одбележува Светскиот ден на бубрегот во повеќе од 200 држави ширум светот.

Квалитетот на живеење кај пациентите со хронична бубрежна болест варира и во зависност од нивниот карактер, опкружувањето, семејната атмофера, третманот кој го добива како и од другите придружни болести. Прифаќањето на новиот начин на живот со сите ограничувања кои ги носи е тешко и секој различно го доживува. На пациентите со бубрежни болести им се потребни повеќе видови на поддршка како од медицинскиот персонал, така и од семејството и општеството воопшто за да можат да го надминат прифаќањето на болеста и да продолжат да живеат со неа, истакнуваат од здружението „Нефрон“.
Додаваат дека иако најоптимален метод за лекување на бубрежната болест е трансплантацијата на бубрег, сепак во нашата земја овој метод е недоволно применуван.

OhridNews











