Околу 700 невработени охриѓани поднеле барања до Центарот за вработување во Охрид, со надеж дека ги исполнуваат условите од „Законот за материјално обезбедување на невработените лица, поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата од 2000 до 2013 година“.
Одговорните во Охридскиот Центар за вработување појаснуваат дека ги примаат барањата од сите лица, независно од тоа дали истите ги исполнуваат условите пропишани во овој Закон.
– Условите ги исполнуваат оние невработни кои имаат над 25 години работен стаж и работата ја загубиле по основ на стечај и ликвидација или технолошки вишок во претпријатија во доминантна сопственост на државата. Четири услови треба да бидат исполнети истовремено, тоа значи дека доколку еден услов не е исполнет, лицето нема право на овој паричен надоместок, изјави Јован Батковски, раководител на Центарот за вработување во Охрид.
Тој појасни дека нема да бидат формирани посебни комисии за донесување на решанија по основ на поднесените барања.
-За барањата одлучуваат центрите за вработување, каде што истите се поднесени. Ќе се одлучува во редовна постапка, како што се одлучува за секое барање, како што е на пример редовниот паричен надоместок. Бидејќи јасно се утврдени критериумите кои треба да ги исполнуваат невработените лица, за да го остварат правото од овој Закон, потенцира Батковски.
Тој информираше дека иако сеуште немаат направено преглед на поднесените барања според фирмите од кои доаѓаат невработните лица, постојат првични претпоставки, кои невработени ќе можат да ги исполнат условите од законот.
-Барање имаат поднесено невработени лица кои биле вработени во „Застава“, „Отекс“, „Охридска трговија“, „Бетон“ и други фирми. Не сакам да преудицирам, меѓутоа за жал, доколку тие имаа право, истото ќе го оствареа и претходно односно во 2008 година, бидејќи на сила и тогаш беа истите услови, нагласува Батковски. Според него најголемиот број на невработени лица од Охрид, кои ќе го остварат ова право ќе бидат оние кои работеле во „ЕМО“, Охрид.
Инаку според Законот, лицата кои ќе го остварат правото на материјално обезбедување ќе добијат паричен надоместок во висина од најмалку 7100 денари, односно 34% од просечната плата исплатена за минатата година, плус здравствено осигурување. Со овој Законот се очекува да бидат опфатени околу 3.000 невработени лица на државно ниво. Рокот за поднесување на барањата за материјално обезбедување, граѓаните ќе можат да ги достават до 22 март 2014 година.
Е.М