Охрид подготвен да ги пречека гостите за новогодишните празници. Градот блесна во новогодишно руво, а позната е и програмата за дочекот на Новата година на градскиот плоштад, но и деновите пред и потоа. Охриѓани и туристите ќе имаат можност да уживаат во изведбите на македонските естрадни уметници, а интересни содржини има и за најмладите.

Најбројни гости на oхридското крајбрежје за новогодишните празници се очекува да бидат гостите од соседните земји, а се очекува и солидна исполнетост на хотелските капацитети, вели претседателот на Асоцијацијата на хотелиери – ХОТАМ Крсте Блажевски.

Стандардно како и секоја година за Новогодишните празници се очекува посетенот на туристите од соседните земји. Најмногу ќе има туристи од Бугарија. Имаме најава и за туристи од Србија, за католичкиот Божик од Грција. Малку ќе има гости и од Црна Гора. Од Албанија имаме туроператори кои ќе донесат гости. Исполнетоста на хотелите се очекува да биде над 80% со оглед на тоа што не сите хотели прават новогодишни дочеци, туку само ги издаваат собите со доручек, и дочеците се прават повеќе по рестораните. Цените се во зависност од пакетите, 2-3 000 денари за дочек само, додека пакети има од 150 до 250 евра и до 300 евра, зависно што опфаќа и колку денови, вели Блажевски.

Во туризмот секогаш, вели, треба нешто да се менува, дополнува, посебно во поглед на достапноста, автопатите, инфраструктурата, чистотата на градот, загадувањето, што влијае на тоа некој да дојде неколку дена и за Нова година.

Да се стави некој зимски амбиент, да имаме украсени, не само центри, но и други делови настрана, и истите да се подолг период украсени, за да можеме цел декември да работиме. Да не е само недела дена пред Нова година. Малку подетално планирање. Според програмата имаме сега доста настапи на разни групи во Охрид кои привлекуваат доста гости. Ова треба да биде за цел декември, со ваква атмосфера и содржини, потенцира.

Инаку, Охрид има богата понуда во рестораните како за Нова година, така и за предновогодишни прослави со различни менија, музика и цени.

Н.С.Ј.