Во голем стил и со освојување на златни и сребрени одличја од завршните турнири охридските тенисери ја заокружија една од најуспешна сезони во клубот. Тенисерите од Охрид на трите последни турнири освоија исто толку златни одличја и го потврдија квалитетот и добрата работа на тренерот Мичо Крстески.

Охридските тенисерки го одбележаа отворениот турнир кој се одржа од 13 до 15 октомви во организација на Тениспарк од Скопје. Во финалето Ана Стојановска ја совлада Мина Петреска, а во ТОП 4 пласман обезбеди Матеа Билбилоска. Машките Павел Стевковски и Матеј Симоновски на турнирот во Скопје немаа среќа и во ждребот ги добија најсилните противници.

Истиот викенд во Скопје се одржа и шестиот традиоционален турнир МТП Опен, кој е едиствен со предзнак меѓународен во нашата земја. Почеток на турнирот означуваат помладите во категориите црвен, портокалов и зелен тенис. Единствен преставник на ТК Охрид беше Павел Стевковски кој учествуваше во зелен тенис до 11 години. Стевковски го освои првото место поединечно, а на пиедесталот се искачи и во двојки. Искуството од турнирот беше непроценливо, бидејќи талентираниот Павел силите ги одмери со тенисери од Србија, Косово и најдобрите од нашата земја.

Одличниот месец за клубот охридските тенисери го заокружија со феноменалниот учинок на завршниот турнир во Скопје. Во женска конкуренција одново се играше охридско финале. Овој пат Ана славеше над Матеа, а најголем успех забележа Ива Кецкарова која стигна до првата победа иако настапува во поголема група. Со триумфот Ана се израмни на првата позиција на ранг листата со Нина Маринковиќ, која имаше голема предност после првите турнири. Павел Стевковски кој исто така се натпреварува во повозрасна група стигна до полуфиналето и го поправи пласманот на рејтинг листата во нашата земја.

Во текот на зимскиот период, јуниорите продолжуваат со редовни тренинзи и засилено ќе се подготвуваат и следната сезона во оваа категорија, да го потврдат својот квалитет.

OhridNews