Обединетата македонска дијаспора (ОМД) континуирано ги поддржува напорите на Република Македонија за влез во ЕУ и НАТО, но не по цена на промена на името. Организацијата смета дека главната пречка на евроатлантските интеграции не е Македонија, туку јужниот сосед.

-Со децении, Грција е главната пречка во барањата на Македонија за поголема регионална стабилност и безбедност. Низ годините, Македонија докажа дека е подготвена да се справи со грчкиот проблем – особено со менување на своето знаме и реафирмирање на мировната намера во нејзиниот Устав – а во обид за помирување. Сите овие чекори на добра волја не вродија со плод, бидејќи Грција покажа неразбирлива нефлексибилност во поглед на аспирациите на Македонија во насока на обезбедување заслужено членство во НАТО и во ЕУ, но особено кон напорите за меѓународно признавање на нашето уставно име. – смета ОМД.

Обединетата македонска дијаспора, Македонските лидери имаат апсолутна должност да го почитуваат уставното и вистинското име на нашата татковина, Република Македонија. Било какво друго решение за ОМД е нерифатливо.

-ОМД нема да го признае, нити поддржи “взаемното прифатливо решение” – еуфемизам за промена на името – ниту напорите на кој било политички субјект во Македонија за спроведување референдум за прифаќање на компромисно име договорено на преговарачки стол. Името на Македонија е длабоко врежано во сржта на нашиот идентитет и тоа е составен дел од нашата вековна борба за самоопределување и суверена независност. Тоа не е нешто за што смее да се преговара преку практична политика и дипломатија. Македонците во границите на сопствената држава, но и македонското малцинство што живее во Албанија, Србија, Бугарија и Грција, заедно со нашата дијаспора, на глобално ниво, нема да прифатат апсолутно никаква промена, нити пак размена на нашето име и идентитет за членство во некоја меѓународна организација или сојуз. -велат од ОМД.

Организацијата посочува дека Република Македонија е посветен и докажан поддржувач на НАТО и ЕУ, што се потврдува со  прифаѓањето на близу 400.000 бегалци од Косово во 1999 година, како и со бројните мировни мисии во Авганистан и други земји во светот.

-Потсетуваме дека 135 земји, меѓу кои и четири од постојаните пет членки на Советот за безбедност на ОН, целосно воспоставија дипломатски односи со Македонија под нејзиното едно и единствено уставно име. Имајќи ги во вид значителните вложувања и жртви, како и посветеноста на мир и стабилност во регионот и пошироко, ОМД цени дека Македонија постојано се докажува и одамна потврди дека заслужува, без условувања, да биде вклучена во за нас витално важните организации како НАТО и ЕУ, но само под нејзиното уставно име. Таквиот влез не само што ќе служи како симбол на единство во време на зголемување на регионална нестабилност, туку ќе претставува и знак на цврста посветеност на принципите на самоопределување, суверенитет и демократија. – се вели во реакцијата на Обединетата македонска дијаспора. 

OhridNews