Синоќа, во присуство на стотина претседатели, координатори и претставници од месните одбори и други општински партиски функции, се одржа годишна изборна општинска Конференција на ОО на СДСМ Охрид. На Конференцијата, покрај делегираните претставници од општинската организација, присуствуваа и Генералниот секретар на СДСМ, како и охридските претставници во Извршниот и Централниот одбор на партијата. Во согласност со статутарните одредби, на синоќешниот состанок беа утврдени и усвоени листите со кандидати за членови во општинскиот Извршен и Надзорен одбор на партијата. Сите делегирани претставници на општинската Конференција едногласно го поддржаа тимот од 18 членови на новиот Извршен одбор на ОО на СДСМ Охрид, што беше формиран и предложен од страна на Претседателот на охридската СДСМ Томислав Тунтев, информираат од партијата.
„Новото највисоко општинско партиско раководство на СДСМ во Охрид претставува комбинација на младоста и искуството, збир на ентузијазмот и прекаленоста, микс на енергичноста и разборитоста. Сите членови во новиот Извршен одбор се високо образовани и високо стручни кадри во своите професионални области. При изборот на тимот, акцентот е ставен врз младите, способни и стручни кадри, кои се целосно подготвени да ги вклопат својата енергија, посветеност и знаење во промоцијата на социјал-демократските вредности меѓу нашите сограѓани. Другата половина од тимот се искусни, потврдени, докажани и препознатливи партиски кадри, кои немаат никаква „дамка“ или „багаж“ во сопствената партиска или професионална кариера, кај кои преовладува чувството на одговорност, посветеност и доследност кон социјал-демократските и универзалните човечки вредности. Изборот на сите членови е направен исклучиво врз основа на нивните персонални високи човечки и професионални способности и квалитети, кои се подготвени целосно и безрезервно да ги вложат за остварување на програмските цели на СДСМ во нашата општина.“ – вели претседателот на ОО СДСМ Томислав Тунтев.
При изборот на новите општински партиски органи целосно се испочитувани статутарните одредби за застапеност на понежниот пол (најмалку 40%), на помлади од 32 години (најмалку 30%), како и рамномерноста во територијалната застапеност. Општинската Конференција, покрај за изборот на новиот Извршен одбор, даде целосна поддршка и при изборот на новиот петчлен Надзорен одбор на ОО на СДСМ Охрид, посочуваат од партијата. Новото општинско партиско раководство на СДСМ ја најави својата прва прес конференција кон крајот на оваа седмица, каде што се очекува на охридската јавност да и‘ бидат претставени членовите на новите партиски органи, како и прелиминарните проекти и активности.
OhridNews