Примената на дигиталните алатки во образованието, безбедноста на интернет и превенцијата од врсничкото и сајбер-насилството во фокус на активностите кои ОOУ „Кочо Рацин“ – Охрид ги реализираше по повод Еразмус деновите.

Активностите, како што информираат од училиштето, започнале со презентација на тема „ВИ алатки во наставата“, наменета за одделенските и предметните наставници, преку која биле претставени можностите за примена на вештачката интелигенција за осовременување и унапредување на наставниот процес.

Посебно внимание беше посветено на учениците кои преку интерактивни дигитални игри на тема сајбер-насилство имаа можност да ги прошират своите знаења за препознавање на насилството во дигиталниот простор и за важноста на безбедното и одговорното користење на интернетот. Креативноста и ученичкиот ангажман дојдоа до израз и преку изработката на метарски постери со пораки против насилството, со кои учениците испратија силни пораки за почитување, емпатија, прифаќање на различностите и создавање училишна средина во која секое дете се чувствува безбедно и прифатено, велат од училиштето.

Во рамки на активностите била одржана и презентација пред присутните родители и гости, на која биле претставени дигитални флаери наменети за учениците, родителите и наставниците, со практични информации и насоки за навремено препознавање на знаците на насилство, вклучувајќи го и сајбер-насилството, како и за соодветно реагирање и спречување на неговото појавување.

Со реализацијата на овие активности, ООУ „Кочо Рацин“ – Охрид ја истакнува важноста на соработката меѓу училиштето, семејството и учениците во градењето безбедна, инклузивна и поддржувачка средина. Истовремено, се промовираат можностите што ги нудат современите дигитални алатки за учење, информирање и подигнување на свеста за значајни општествени теми, потенцираат.

Преку Еразмус деновите, училиштето испрати јасна порака дека дигиталните технологии треба да бидат алатка за знаење, креативност и поврзување, а не средство за повредување.

Заедно можеме да создадеме училиште без насилство, во кое почитувањето, емпатијата и безбедноста се заедничка одговорност, додаваат.

OhridNews