Бројката на невработени во охридскиот регион, заклучно со февруари изнесува 10.933 лица. Тоа е за 181 лице помалку од невработените во јануари, кога беше евидентирана бројка од 11.114 лица.
Меѓу невработените, поголем број или 5596 им припаѓа на мажите, а останатите 5337 лица се жени. Според статистичките показатели, од вкупниот број на невработени, најголем број заземаат лицата со квалификувана стручна спрема или 2643. Следни на листата, со бројка од 2559 лица, се невработените со средно образование. Со вишо образование се регистрирани 352 лица, а со висока стручна спрема, работа бараат 1044 лица. Како невработени, во Центарот за вработување во Охрид, запишани се и 18 магистри.
Според времето на чекање за вработување, најбојни се оние кои, на списоците се регистрирани повеќе од 5 години или со вкупен број од 4072 лица. Не е мала бројката и на оние, кои вработување бараат од 2 до 5 години, такви според евиденцијата во Охрид, има 2504 лица. За 40 лица повеќе или 2544 , се запишани во списоците за вработување, каде времето за чекање е од 6 месеци до 2 години. Најмал е бројот на невработените, кои работа бараат помалку од 5 месеци, односно 1574 лица.
Заклучно со последниот месец во 2009 година, бројот на невработени изнесуваше 11.144 лица. Иако во текот на декември, беа остварени околу 180 нови вработувања, бројот на невработени, наместо да се намали, се зголеми за 203 лица, за разлика од ноември 2009-тата, кога вкупниот број на невработени охриѓини изнесуваше 10.941.