Министерството за здравство денес објави препораки за заштита од опасниот корона вирус МЕРС, кој веќе е појавен во земјите од Блискиот Исток. Од таму информираа дека засега во Македонија нема регистриран случај на заболен од МЕРС и во континуитет се преземаат превентивни активности за заштита на населението од оваа заразна болест.
-До сите матични лекари е дистрибуирана информација за можна појава на заболен од МЕРС-корона вирус, која е доставена преку Центрите за јавно здравје и Здружението на матични лекари. Подготвена е брошура со основни информации за МЕРС-корона вирусот. За лицата кои патуваат се подготвува краток памфлет со основни препораки за превенција кои ќе се достават до аеродромот „Александар Велики“ и до сите гранични премини, информираа од Секторот за превентивна здравствена заштита при Министерството за здравство, на денешната прес конференција во Скопје.
Од таму објаснуваат дека симптоми на МЕРС-корона вирусот, се температура, треска, кашлица, тешкотии при дишењето и пневмонија. Кај дел од заболените може да се појават и гастроинтестинални симптоми со дијареа или бубрежни тегоби.
Медицинските лица апелираат до граѓаните кои патуваат во ризичните земји од блиско-источниот регион да избегнуваат близок контакт со секој кој покажува симптоми на респираторна болест, да одржуваат редовна хигиена на рацете, да консумираат добро термички обработено месо, измиено или излупено овошје или зеленчук, безбедна вода – најсигурно флаширана, да избегнуваат контакт со диви или домашни животни, со камили и да не посетуваат фарми.
-Лицата кои патувале во земјите на Блискиот Исток ако во рок од 14 дена од враќањето развијат акутна респираторна болест посебно инфекција придружена со треска или кашлање треба веднаш да побараат медицинска помош, да кажат за патувањето, веднаш да ги известат локалните здравствени установи, да внимаваат при кашлање и кивање, да го сведат на минимум контактот со други лица за да се спречи понатамошна трансмисија, предупредуваат од Министерството за здравство.
МЕРС првпат е регистриран во Саудиска Арабија во 2012 година. Вирусот широко циркулира на Арабискиот Полуостров и повеќето случаи се пријавени од страна на Саудиска Арабија (околу 600), како и од земјите од Блиски Исток (Јордан, Кувајт, Оман, Катар, Обединети Арапски емирати, Јемен, Иран), Европа (Франција , Германија, Грција, Италија, Холандија, Англија), Африка (Египет, Тунис, Алжир), Азија (Малезија и Филипини), Северна Америка (САД).
OhridNews
Извор:„МИА“