Со голем спектакл на оперската дива, Барбара Фритоли, и на еден од најголемите баритони на денешницата, Лео Нучи, во придружба на Македонската филхармонија, на сцената на Античкиот театар на 12 јули ќе биде отворено годинешното 54-то издание на фестивалот „Охридско лето“.
„По традиција на „Антички“ за старт на фестивалот имаме голема ѕвезда, а годинава ќе ја започнеме со две мега ѕвезди. На 12-ти јули со почеток од 21:00 часот со вечер на популарните арии во изведба на уметниците со прекрасен глас Барбара Фритоли, сопран од Италија, и Лео Нучи, баритон од Италија под диригентската палка на маестро Луис Горелик, а во придружба на Македонската филхармонија, која со овој концерт го прославува својот 70-годишен јубилеј.“ -рече на денешната прес конференција директорката на фестивалот, Елизабета Јанкуловска.
Селекторката на музичкиот дел од фестивалот, Гордана Јосифова- Неделковска, потенцира дека атрактивната Барбара Фритоли остварува незаборавни креации во оперите на Моцарт, Верди и Пучини на водечките светски сцени во Европа и Америка, додека Лео Нучи неоддамна го остварил 500-тото појавување во улогата на Риголето.
„Таа е гламурозна певица која со својот ангелски глас веднаш го освојува целосното внимание на воздишки од публиката. Меѓу позначајните настапи се вбројуваат Свадбата на Фигаро, Отело, Дон Џовани, Симон Боганегра и многу други. Лео Нучи е еден од ретките, ако не и единствен, кој ја има толкувано оваа улога во најреномираните театри во светот. Критиката најчесто го опишува како извондреден пејач, длабок уметник, кој на сцената совршено го доловува ликот што го толкува.“ -рече Јосифова-Неделковска.
За најновото издание на Охридско лето, Неделковска најави квалитетен избор на врвни уметници кои ќе ја надополнат атрактивната и уникатна програма на фестивалот.
На 19-ти јули ќе настапи еден од најдобрите пијанисти на денешницата Аркадиј Володос, а во текот на фестивалот, македонската публика за прв пат ќе има прилика да биде дел од настапот на светски познатиот кросовер и класичен музички уметник, хрватскиот маестрален пијанист Максим Мрвица. Музичката програма на Охридско Лето 2014, на 19-ти август, ќе се затвори со несекојдневен настап на Симфонискиот орекстар „Шенжен“ – еден од најпознатите оркестри во Кина.
„Максим Мрвица важи за еден од најпознатите светски пијанисти и најпродаваниот кросовер пијанист во светот, кој зад себе има 10 студиски изданија, милионски тиражи во повеќе од 57 држави. Неговиот посебен моден стил го доведе до соработка со неколку водечки модни куќи, како што се „Долче и Габана“ во Токио и „Кристијан Диор“ во Париз.“ – потенцира Јосифова – Неделковска.
Како посебно музичко изненадување за публиката се најавува настапот на феноменалниот интернационален вокално-театарски перфоманс, The VOCA PEOPLE, кој ќе се одржи на 1-ви август на сцената на Антички театар.
„За прв во Македонија, пред публиката на Охридско лето, The VOCA PEOPLE ќе го претстават своето шоу кое ширум светот важи за незаборавно искуство, кое ја спојува музичката брилијантност со многу хумор. Ансамблот потекнува од Израел и претставува нов феноменален интернационален вокално театарски перфоманс, кој ги комбинира восхитувачките вокални звуци и „а капела“ пеењето, со уметноста на модерниот „битбокс“ кој имитира звуци од цел оркестар.“ – рече Јосифова – Неделковска.
Исклучителни изведби, премиери и возбуди за најновото издание на фестивалот, најавува и селекторот на драмската програма, Ѓорѓи Јолевски. Според него, програмата ќе ги освојува срцата на театарската публика со девет изведби на различни театарски простори, а во разни форми и жанрови со префиксот интернационални уметнички дела.
„Театарската продукција на овогодишеното издание ќе изобилува со хумор, ведрина, полетност и убавина, секако ставена под раката на класиката и високата уметност. Започнува на 16-ти јули со едно од најсилните класици на шекспировото творештво, „Отело“, во продукција на Битолскиот народен театар, раководена под режисерската палка на шпанско-словенечкиот режисер, Диего де Бреа. На 20-ти август во 21 часот, затворањето на 54-то издание на Охридско лето ќе биде со една од најекслузивните претстави создадени во оваа година, а тоа е „Звездара“ на театарот од Белград, „Роденденот на господин Нушиќ“.“ – рече Јолевски.
Тој потенцира дека оваа година ќе бидат одбележани 77 години живот и 55 години творештво на магатот на театарската и филмската уметност, Љубиша Георгиевски, со неговата праизведба „Аферата Елиснор“ во продукција на Македонскиот народен театар.
Првите луѓе на „Охридско лето“ ја најавија и мобилната апликација за потребите на фестивалот, која ќе работи на три платформи: Android, iOS и BlackBerry. Како што рекоа, спектакуларно издание на фестивалот ќе содржи пријатни изненадувања кои публиката ќе може да ги види во текот на сите вечери.
Исто така, до крајот на јуни треба да биде завршена изградбата на монтажен кров на сцените на Античкиот театар и Долни Сарај, а веќе изградена е рампа за лицата со посебни потреби.
Дизајнот оваа година е посветен на „Light of the art“, инспирирана од новите конструкции на сцените во Античкиот театар и Долни Сарај.
О.Т.