Брзата интервенција на охридските пожарникари вчера спречила голем пожар во Охридската касарна. Според информациите од Противпожарната единица од Охрид, во пожарот кој се случил околу 12 часот напладне, била опожарена само покривната конструкција на еден објект од комплексот. Причината за пожарот бил огнот од запалено стрниште во близина на касарната, кој поради ветерот за брзо време се проширил до објектите.
-Веднаш по пријавувањето на пожарот, нашата единица интервенирше со три противпожарни возила и осум пожарникари. Интервенцијата била успешна и за брзо време пожарот бил ставен под контрола и изгаснат. Но само што го локализирале пожарот во касарната, пожарникарите забележале и уште едно запалено стрниште во близина, па веднаш интервенирале и спречиле негово проширување, изјави Спасе Прентоски, Командир на Охридската противпожарна единица.
Тој апелира до жителите на Охрид и околните населби да бидат повнимателни и да не палат стрништа и вегетација, бидејќи на тој начин предизвикуваат општа опасност за целата околина.
OhridNews