Советниците од опозицијата на одржаната 57 седница на советот на Општина Охрид реагираа на носењето на измените на годишниот план за вработување на општина Охрид за 2025 година. Побараа објаснување за оправданоста од нови вработувања пред изборите.
Зошто се вршат повторно измени во планот за вработување и кое е оправданието на 252 вработени да барате нови 15 вработувања, а претходно наведов за тешката состојба во која се наоѓаат јавните претпријатија, дополнителните финансиски средства кои ги извојувате за нив, и навистина незнам зошто сега пред избори се прават измени на планот. Сигурна сум дека тие нови вработувања со 252 вработени не ви требаат, рече Живка Ангелоска, координаторка на СДСМ и коалицијата упатувајќи прашање до секретарот на Општина Охрид, Александар Китески.
Китески посочи дека не станува збор за 15 нови вработувања со измени на планот, туку само две вработувања од кои едното било и во планот за 2024 година, но не се реализирало.
Во самиот образец за измени се претставуваат и претходните што сме ги донеле, тогаш биле 13, и тие што се дополнети. Овде станува збор за дополнување со две работни места. Првото е самостоен референт на административно техничка поддршка. Ова работно место беше во планот за 2024 година и во декември истата година беше отпочната постапка со јавен оглас. Но, таа постапка заврши по донесување на измените претходно што ги правевме и немаше кандидат кој ги исполнува условите. И тој оглас за тоа работно место не се реализира. Се стави сега, зошто траеше уште постапката и не можевме да го ставиме во претходните измени. По однос на второто работно место, раководител на Одделение за соработка со УНЕСКО даваме можност да може без разлика што е јавен оглас да се пријават и луѓе кои се вработени во Општина Охрид, не биле унапредени, а имаат положено испит за админитративно управување, појасни Китески.
Воедно посочи дека точно е тврдењето дека во општината има 252 вработени, но, вели, кога дошле на власт имало 263 вработени и остануваат на ставот дека плус вработени нема да има од тоа колку што затекнале.
Н.С.Ј.