СДСМ очекува Премиерот и Владата да ѝ се извинат на јавноста во Република Македонија за контроверзниот говор на индискиот бизнисмен Субрата Рој одржан на „Балканскиот фестивал на мирот“.

– Прво, Индиецот констатираше дека спасот од сиромаштијата требало да се побара во сексот. Дека многумина живеат во сиромаштија и дека верува оти ќе се приклонеле на сексот за да ја зголемат густината на населението?! Потоа на Владата ѝ сугерираше преку закон да утврди идеална големина на едно семејство, а „родителите кои не ја следат идеалната семејна законска дефиниција, да ги губат сите придобивки и бенефиции за нивните деца, како и правото на глас“! Најголемиот бисер беше признанието на Субрата Рој дека во неговата организација има „многу криминалци“, но оти ќе им оставел време сами да се променат. – реагира опозциската СДСМ.

Оттаму посочуваат дека Рој во говорот истакнал оти во неговата Индија „најголем непријател се новинарите“ кои главно зборувале за негативни настани, па го прашуваат премиерот дали Владата соработува со организации во коишто работат криминалци?

Од Владата немаат коментар на ваквите забелешки. Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев на прес конференцијата што денеска се одржа во Скопје истакна дека Владата не може да коментира нешто што не е нејзин став или изјава.

Реагираше „Сахара групацијата“, од каде изразија жалење за секоја ненамерна навреда почувствувана од било која група. Немаше никаква намера за непочитување на било која земја или група луѓе, велат од компанијата на Рој во Македонија и додаваат дека секој говор се базира на сопствени искуства, изградени во една колективна свест и менталитет на една земја и нејзината култура.

Говорот на Субрата Рој е пишуван врз основа на состојбата во Индија, а во некои сегменти се однесуваше на состојбите на глобално ниво, а не само за Македонија, се вели во реакцијата на Сахара групацијата.

OhridNews