Најголемата опозициска партија на Македонија, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ)  излегува на протестни собири низ Македонија поради погрешните политики на власта, соопшти претседателот на СДСМ, Бранко Црвенковски, пренесува „Макфакс“.

На овие собири освен што ќе се идентификуваат погрешните политики на Владата, ќе се лоцираат проблемите, ќе се нудат решенија и ќе се промовираат кандидатите за градоначалници на општините, каде ќе се одржуваат митнзите.

На 3-ти јуни опозицијата ќе одржи митинг во Струмица, на 10-ти јуни во Велес, на 17-ти јуни во Штип и на 24-ти јуни во Куманово, а распредот за јули ќе соопштува дополнително.

На 2-ри септември СДСМ најавува голем, општонароден протестен митинг во Скопје, по повод шестгодишното владеење на ВМРО–ДПМНЕ.

„На 26-ти август се навршуваат точно шест години откако Груевски беше избран за премиер, а ВМРО -ДПМНЕ ја презеде власта но и целокупната  одговорност за состојбите во државата. По тој повод на 2-ри септември ќе организираме голем, општонароден протестен митинг во Скопје. Собир на кој ќе го направиме севкупниот биланс на шестгодишното владеење на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Собир на кој народот ќе го искаже својот револт, но што е уште поважно ќе го крене својот глас во одбрана на својата иднина. Вистинската битка за подобра и поуспешна Македонија допрва почнува“, изјави Црвенковски.

Тој констатира дека невработеноста и сиромаштијата се на рекордно високо ниво, стопанството се гуши во неликвидност, непродуктивните трошења на владата не запираат, криминалот и корупцијата се во пораст, меѓуетничките и меѓурелигиските односи во земјата се нарушени, а евро-атланските интеграции се целосно блокирани.

Опозицијата, според него се однесувала крајно конструктивно, предупредувала на погрешните политики, во Собранието предлагале закони од сите сфери, но власта ги игнорирале. Затоа опозицијата била приморана да употреби други методи.

Одговарајќи на новинарско прашање Црвеновски истакна дека пПредвремените избори се отворена опција за СДСМ.

„Таа опција за СДСМ е отворена. Вистинскиот одговор ќе го дадат граѓаните со своето изјаснување на локалните избори. Ако на тие избори ја добиеме поддршката, патот кон предвремените парламентарни избори ќе биде трасиран“ рече Црвенковски.

Тој ги отфрли информациите во некои медиуми дека СДСМ ќе организира митинг за време или веднаш по самитот на Чикаго.

Црвенковски не исклучува дека за ваквите информации, медиумите ги брифирал некој од ВМРО-ДПМНЕ.

„Кртови“ во СДСМ нема, тврди Црвенковски, ниту ги лоцирал, ниту имало истрага за наоѓање на „кртови“.

„Се работи за една смислена кампања од подолг временски период од Штабот или Центарот, до сега го викав за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, а сега ќе почнам да го викам Центарот за лаги и манипулации на ВМРО-ДПМНЕ, се разбира со една сесрдна помош на дел од провладините медиуми“ рече Црвенковски.

 OhridNews
извор: „Макфакс“