Поради неприфаќањето на предлогот за дополнување на дневниот ред со три точки од страна на мнозинството, опозицијата во советот на општина Охрид ја напушти работата на 18- та седница, која се одржа денеска.
Ова се случи откако не беа прифатени барањата на опозицијата, градоначалникот да даде отчет за неговото работење во 2013, да се достави информација на која од изминатите седници и со која одлука било утврдено дека лизгалиштето е урбана опрема, како и барањето за информација околу трансферот на дел од вработените од општинската администрација во Косел.
Координаторот на советничката група на опозициската коалиција, Томислав Тунтев, трансферот на вработените во селото Косел го оцени како поличтички реваншизам и осветољубие кон неистомислениците кои се вработени во локалната самоуправа.
– Пред да ја предложиме оваа точка, ние, претседателите на опозициските партии во советот, најпрво усмено, а потоа и писмено доставивме барање за прием кај градоначалникот, со цел да ни се објасни што се случува со тие луѓе и зошто се применуваат такви мерки. Очигледно се работи за тенденциозно применување на политички реваншизам и нивно префрлање во простории кои се под секакво човечко достоинство. Денес се обидовме да го убедиме и мнозинството дека треба да дискутираме за овие барања, но очигледно тоа не ги прифати прдлозите, бидејќи не сака да се зборува за нив. Штом не сакаат да говорат за овие горливи прашања, не ја гледам логиката ние да останеме, рече Тунтев.
Според советничкото мнозинство, напуштањето на седницата од страна на советниците од опозицијата, е беспредметно.
– Тоа е нивно демократско право, меѓутоа како беспредметно го гледаме нивното напуштање на седницата, затоа што тие точки беа насочени кон конкретни субјекти од локалната самоуправа кои треба да дадат одговор на тие прашања, а кои денес не беа присутни на седницата, рече координаторот на владеачката коалиција предводена од ВМРО- ДПМНЕ, Јованка Дамоска- Секулоска.
Меѓу точките на дневен ред на денешната седница беа предлог одлуките за усвојување на Програмата за спорт за 2014 год., за измена на Одлуката за извршување на Буџетот на општината Охрид за 2014 година, за формирање Штаб за заштита и спасување, како и предлог одлуката за започнување на постапка за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за модернизација и проширување на системот за јавно осветлување на подрачјето на општина Охрид. Советниците расправаа и за предлог одлуките за утврдување на потреба од донесување на урбанистичко планска докуметација со цел вклопување на бесправни објекти во Велгошти, Рамне, Оровник, Горно и Долно Лакочереј, Лескоец, Велестово, Љубаништа, Коњско.
Т.К.