Здружената опозиција предводена од СДСМ, денеска во Скопје ќе одржи протестен марш.

Како што е најавено, маршот ќе започне во 12 часот пред платото спроти телевизијата Сител, па ќе продолжи покрај Владата, Собранието и ќе заврши пред зградата на МРТВ.

-Основна цел на маршот за вистината е да пружиме отпор против систематското газење на слободата на медиумите и говорот. Притоа сакаме и да ги охрабриме новинарите и медиумските работници да се спротивстават на режимските лаги и да ја одбранат честа и угледот на нивната професија.- истакнаа од СДСМ.

Инаку, вчера, шефовите на мисиите на Европската унија(ЕУ) и Соединетите Американски Држави(САД) преку заедничко соопштение ja повикаа опозицијата да се врати во парламентот, со цел да ги претставува големиот број граѓани кои гласаа за неа на последните парламентарни избори. Истовремено ЕУ и САД ја повикаа Владата да ги преземе сите чекори за повторно воспоставување на политичкиот дијалог во земјата.

Од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија истакнаа дека исклучително ги ценат континуираните напори на ЕУ и САД во насока на подобрување и целосна функционалност на демократските процеси во Република Македонија, изразувајќи подготвеност за продолжување на политичкиот дијалог во земјата.

-Тие напори се во целосна согласност со политиката на СДСМ и се согласуваме дека активниот политички дијалог е примарен постулат за надминување на сегашната политичка криза.  Во таа смисла, како што изјавивме неколку пати до сега, повторуваме дека сме подготвени веднаш и во било кој формат да разговараме за можностите за што побрзо надминување на политичката криза.-велат од СДСМ.

OhridNews