Организаторот на концертот, „Авалон“ продукција, за настапот на Дејвид Гета ќе ја користи бината на која Лени Кравиц настапи во Охрид пред три години, истата што ја користеше и „Бјело Дугме“ за концертот на белградски Хиподром, како и Здравко Чолиќ за неодамнешниот концертот на Ушќе во Белград. Во тек е монтажата на бината што вчера со пет камиони пристигна во Охрид.
Концертот ќе биде своевиден аудиовизуелен скектакл. Целовечерниот сет на Гета ќе го пратат познатите Kryoman Robots. Тимот што е собран специјално за летната турнеја на Дејвид Гета е опремен со ласери, лед-диоди и мултифункционални ефекти што ќе се користат во текот на шоуто.
Дејвид Гета во Охрид доаѓа после настапите во Сплит и Будва, со неговиот приватен авион во придружба на мистериозна женска личност. Ќе биде сместен во апартман на еден од најпознатите хотели на охридската ривиера. За време на неговиот престој во Охрид Гета бара три оброка на ден, без брза храна, а за после концертот тој и неговиот тим сакаат да се напијат едно шише квалитетна водка и две шишиња шампањско вино „Vev Clicquot“. За самиот концерт екипата на Гета бара 72 лименки со разновидни безалкохолни и енергетски пијалаци и исто толку 72 половина литарски шишиња негазирана вода. Во барањата на екипата се и свежо овошје, грицки, крпи, чаши со сламки…
Концертот на Дејвид Гета ќе се одржи на 1 август на стадионот на спортско рекреативниот центар „Атина Бојаџи“ во Охрид, со почеток од 22 часот. Цената на влезниците за кои како што информираат од „Авалон“, постои огромен интерес, се движи од 800 денари на трибините, 990 денари за партер до 1.500 денари за фан-питот и ограничен број ВИП карти по цена од 2.000 денари.