Општина Дебрца наскоро ќе добие уреден дел на крајбрежјето на Охридското Езеро, каде што жителите и туристите ќе може да се рекреираат и релаксираат. Ова ќе го овозможи новата пешачка патека која се гради покрај регионалниот пат Охрид-Струга.
Градежните работи за уредување на патеката започнаа во есенските месеци од минатата година, а според најавите истите ќе треба да завршат пред почетокот на претстојната туристичка сезона.
-На терен се отпочнати активности за изградба на пешачка патека со приклучно исклучна лента. Пешачката патека се гради надвор од катастарската парцела на Охридското Езеро, односно се гради на КП-1194/1-катастарска општина Оровник, која што парцела е со катастарска култура камењар. Досега се изградени приклучно-исклучните ленти заедно со проширувањето за паркинг. Моментално се изведуваат ѕидови од габиони, тоа се метални кошеви исполнети со природен камен кои ќе служат за заштита на пешачката патека, информираат од општина Дебрца.
Оттаму објаснуваат дека следна фаза од проектот ќе биде изградбата на пешачката патека од камени плочи, а како последна фаза е поставувањето на урбана опрема.
-Според проектот за изградба на пешачката патека, таа ќе биде долга 120 метри, а заедно со приклучно-исклучната лента ќе биде со должина од 220 метри. На патеката ќе биде поставена урбана опрема како што се клупи, корпи за отпад и соодветно осветлување. Во поглед на безбедноста во сообраќајот изработен е Сообраќаен проект за пешачката патека и е прибавена дозвола за измена на траен режим на сообраќај. Со проектот е предвиден и паркинг простор за десет возила, објаснуваат надлежните во општина Дебрца.
Средствата за реализација на пешачката патека се обезбедени од Министерството за транспорт и врски.
Од општината велат дека според плановите, на новата пешачка патека во иднина е планирано да се организира масовна манифестација по повод верскиот празник Богојавление Водици, со фрлање на светиот крст во водите на Охридското Езеро.
Ќе се уредува и плажа?
Инаку според најавите од Министерството за транспорт и врски, на овој потег од крајбрежјето на Охридското Езеро е предвидено и уредување на плажа. За таа цел министерството креираше анкета за избор на најдобро идејно решение за уредување на плажата, при што беше избран можниот изглед на истата. Според тогашните најави плажата треба да биде уредена по највисоки туристички стандарди, без нарушување на еко-интегритетот на околината.
-Планирана е песочна површина која би се изнивелирала со соодветен автохтон песок, хортикултурно и партерно уредување на локацијата со клупи, фонтани за питка вода, детски игралишта, пешачки патеки од монтажно – демонтажни материјали, простор за чадори за сонце и лежалки, а на капалиштето треба да биде обележан просторот за капење со бови. Исто така, предвиден е и сервисен пункт кој ќе се состои од шанк со кабина за музика со спецификација на опрема, место за озвучување, санитарен јазол, соблекувални, прирачна остава за чадори, лежалки и други реквизити, најавија минатата година од Министерството за транспорт и врски.
Оттаму објаснуваа дека откако ќе бидат избрани идејните решенија ќе се пристапи кон изработка на основните проекти, а потоа ќе се спроведе постапка за нејзино уредување.
Е.М