Градоначалникот Александар Петрески , како и претходно , не беше  поканет  на средбите со инвеститорот Субрата Рој и  не е информиран за  деталите околу најавената изградба на модерен туристички комплекс во Љубаништа, велат од кабинетот на градоначалнкот, од каде додаваат дека непристојно е да се преговара за инвестиции во Охрид , а во тој процес да не биде вклучен првиот човек на градот.

–    Сметаме за потребно да предупредиме  дека со новиот пакет закони  со кои се овозможува нова национализација , налик на онаа од 1946 година, најоштетени ќе бидат сопствениците на земјиштето , граѓаните и Македонската православна црква. Земјиштето ќе им биде одземено со обештетување од само по 1 евро за метар квадратен , а реалната цена е далеку поголема. Според  новите измени на  неколкуте закони  обесправените граѓани правдата треба да ја бараат пред судовите, велат од кабинетот н аградоначалникот.

Прашуваат како може да не се почитуваат законите за заштита на Охрид и Охридското Езеро, со кои се пропишува дека може да се гради на најмалку 50 метри од брегот на Охридското Езеро.

–    Оправдано се сомневаме дека идејата  за изградба на аеродром на вода е условена со изградбата на комплексот во Љубаништа. Не сме информирани на колкава површина на копно ќе бидат изградени хотели и апартмани за продавање , каде ќе бидат казината, баровите  и дискотеките , во вода или на копно и колку сето тоа ќе ја наруши рамнотежата на растителниот и животинскиот свет во Охридското Езеро старо 4 милиони години, велат од кабинетот на градоначалникот.

Оттаму, додаваат дека ги подржува инвестициите во Охрид , но инсистираат во целиот процес да се почитуваат законите и да се заштити светското природно богатство – Охридското Езеро.

OhridNews