Договорот за давање под закуп на паркинг-просторот во центарот на градот, е потпишан и неговото правно дејствие се врзува со поранешниот градоначаник Александар Петрески и лицата блиски до него, се наведува во официјалниот став од локалната самоуправа во врска со повторно воведената наплата на паркинг во централното градско подрачје.
– Договорот е акт со кој екстремно се кршат интересите на локалната самоуправа и на граѓаните на општина Охрид. Давањето на управување на паркинг-просторот на приватен субјект, за општина Охрид претставува штетен договор, донесен под сомнителни околности, во една нетранспарентна постапка и истиот го оценуваме како акт со кој се нарушуваат интересите на општина Охрид и нејзините граѓани, велат од локалната самоуправа.
Оттаму најавуваат дека ќе бидат преземени сите законски средства за да се оспори договорот и дека за сите инволвирани лица, кои со потпишување на договорот свесно направиле злоупотреба на својата позиција и штета по имотот и угледот на локалната самоуправа, ќе биде покрената постапка за нивно санкционирање.











