Вчерашното формирање на Локалниот Совет на младите е поздравено од младите во Охрид, а како позитивен пример им беше препорачано тоа да го направат и останатите локални самоуправи. Критериумот за партиципирање на младите во ова тело е многу едноставен за сите, освен за оние кои не сакаат тоа да го разберат, велат од кабинетот на градоначалникот Никола Бакрачески во врска со допписот на општинската ВМРО- НП по формирањето на Локалниот младински совет.

–    Во ова младинско координативно и советодавно тело, членуваат младите од општина Охрид кои со својот квалитет, способност и професионалност се истакнале во повеќе области. Членови се оние млади личности  од Охрид кои се добитници на национални и меѓународни награди и признанија, талентирани музичари кои се стекнале со музичко реноме, претставници на Црвениот крст, на Младинскиот Совет, претставници на етничките заедници кои не се мнозинство во Охрид, на невладината организација “Опција Охрид”,  на НУ Центар за култура, Градскиот театар, здравствениот сектор од Охрид, Центарот за социјални работи и т.н. Во него партиципираат и по двајца членови предложени од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата предводена од СДСМ. Зошто нема претставници од ВМРО-НП е прашање кое треба да го упатат на друго место, се наведува во реакцијата од кабинетот на градоначалникот.

Оттаму додаваат дека обидот на минатата локална гарнитура, во која активно учествуваше и ВМРО-НП, да се организираат младите во Охрид доживеал неуспех од едноставна причина што самото нивно формирање било поставено на сосема други мотиви на дејствување, кои не се приоритет на младите, со целосна  неактивност и неможност да се артикулираат барањата на голем број на млади лица кои не членуваат во ниту еден политички субјект.

–  Оваа локална самоуправа и Градоначалникот Бакрачески имаат само еден критериум за избор на младите личности кои ќе учествуваат во носењето на одлуки во интерес на младите, а тоа е професионалност, одговорност и спремност да се даде максимумот во својата работа. Прашање е дали некои партии ги поседуваат овие вредности во своето политичко дејствување?, стои во реакцијата.

OhridNews