По кој знае кој пат СДСМ Охрид не може и нема доблест да го признае фактот дека Охрид во сите негови делови се гради и се разубавува, она што сите граѓани го гледаат, стои во реакцијата од општина Охрид во врска со обвинувањата од ОО на СДСМ, дека локалната самоуправа нема реализирано ниту еден ветен проект.
– Искрено жалиме за таквата малициозност, а уште повеќе за тоа дека СДСМ Охрид во своите редови не ангажира луѓе кои досега ќе стекнеа барем минимум знаење како се одвиваат постапките за реализација на проекти. Незнаењето оди до граници на елементарно непознавање на законската регулатива, редоследот и постапките потребни за донесување на урбанистичко – планската документација која предходи на реализација на било кој зацртан градежен проект. Очигледно е дека опозицијата до сега не го прочитала Законот за градење, ниту пак Законот за градежно земјиште, а уште помалку Законот за јавни набавки и Законот за концесии и јавно приватно партнерство. Веројатно слаба страна им е исто- така познавањето, почитувањето и запазувањето, на законските рокови во спроведувањето на одредена постапка за градење. Впрочем таа пракса и ја покажаа на дело во стотици и илјадници постапки во нивното осумгодишно пустошење на градот, велат од општина Охрид.
Оттаму додаваат дека локалната самоуправа предводена од градоначалникот Бакрачески цврсто стои на ветувањата дадени пред граѓаните на Охрид.
– Како и многу пати предходно запазувањето на роковите при реализација на истите ќе биде само и само во рамките на законската регулатива и отстапување од тоа нема. Продолжуваме посветено, интензивно и отчетно да го градиме и разубавуваме Охрид, велат од локалната самоуправа.
OhridNews