Од локалната самоуправа обвинувањата од ВМРО НП и Партијата за Движење на Турците, за спроведеното тестирање во општинската администрација, ги оценуваат како неосновани.

– Тестирањето на вработените е законска обврска по завршувањето на пробниот период од нивната работа во општинската админстрација и тука раководните структури на локалната самоуправа и да сакаат не можат да влијаат по ниту еден основ, освен да се испочитува Законот за државни службеници. Тестирањето беше спроведено согласно сите законски процедури, а прашањата ги покриваа стручните области на кандидатите. Само знаењето и подготвеноста на секој поединечно, беа критериуми истите успешно да се решат, велат од локалната самоуправа.

Оттаму, додаваат дека обвинувањата за некаков политички реваншизам се неосновани и тендециозни, со цел неоправдано да се даде политичко-партиска димензија на процесот.

– Се зборува само за тие кои не го поминаа тестот, а се  минимизира трудот на оние кои го положија тестот и понатака остануваат дел од општинската администрација. Локалната самоуправа ќе продолжи со реформскиот курс за ефикасна и стручна администрација, без притоа да прави компромиси со политичките партии и поединци, на сметка на стручноста и компетентноста на своите вработени, потенцираат од општина Охрид.

OhridNews