Развој на понатамошна соработка на Општина Охрид и Коморскиот инвестициски форум, на приватните компании кои што се на територијата на општината, но и аплицирање за заеднички проекти со шесте стопански комори од регионот на Западен Балкан во фокусот на одржаната средба помеѓу градоначалникот на Општина Охрид, претставници од компании и членовите на Коморскиот инвестициски форум (КИФ).

Имавме можност да разговараме и да разгледаме опции за понатамошна соработка и како град и како приватни компании кои што се на територијата на Општина Охрид, но и да го претставиме нашиот град, капацитети, инфраструктура и можноста каде тие големи компании кои се во овие шест земји би можеле да инвестираат. Ние како Општина стоиме на располагање во однос на фасцилитирање и олеснување на тој процес кој би следел доколку има некои заинтересирани. Втората можност за соработка со КИФ е на проекти, бидејќи истиот има доста успех и насекаде во овие шест земји добива проекти. Како Општина Охрид имаме и збратимени градови во овие шест земји и би можеле заеднички да учествуваме во добивањето на некој проект се со цел на олеснување на било каква форма на обука на луѓе кои би требало да се вклучат во некаква индустрија, дали во отворање на некои нови бизниси или било каква форма којашто ние заедно со коморите и приватните сопственици во иднина би можеле да направиме, истакна градоначалникот Пецаков.

Бранко Азески, потпретседател на КИФ и претседател на Стопанската комора истакна дека КИФ финансира проекти кои се од директен интерес за компаниите од приватниот сектор, потенцирајќи ја веќе остварената соработка со воведување на дуалното образование во Охрид преку конзорциумот со три компании, ЛТХ Леарница, ОДВ и Костал и заедно со средното училиште ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“.

Разговараме за инфраструктурата која е поставена помеѓу збратимените градови од овие шест земји. Ќе покренеме иницијативи со кои заеднички локалните самоуправи во тие земји ќе учествуваат во проекти коишто најмалку ќе бидат организирани на територија на три држави, а можеби и повеќе и на тој начин ќе придонесеме за подобра комуникација меѓу приватниот сектор. Нашата главна цел е да ги снема границите, да се отвори протокот на стоки, услуги и капитал меѓу овие држави, работата рака да циркулира така како што се прави во целиот Запад и да исчезнат долгите редици на камиони на границите. Ќе воведеме и заедничка авионска линија меѓу овие шест држави по принципот на Нордискиот САС и заедничко кредитно биро и арбитража коишто ќе помогнат за развој на компаниите, рече Азески.

Истакна дека Македонија со Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Албанија и Црна Гора има инфраструктура коморска побрзаност и преку збратимените градови ќе се развива соработката во насока на заедничко продолжување на проектите.

Инаку, КИФ е основан во 2015 година, а почна со функционирање во 2017 година и е составен од коморите на шесте земји на Западен Балкан.

Н.С.Ј.

фото. К.С