Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ оваа година на Општина Охрид, на градоначалникот Кирил Пецаков и на претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски им додели благодарници „Синергии“, како лична и институционална благодарност за драгоцената поддршка и афирмација на македонистиката.

Во името на градоначалникот Кирил Пецаков, овие високи признанија ги прими претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски. Благодарниците се доделуваат во знак на вреднување на долгогодишната соработка помеѓу Општина Охрид и Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура.

Во рамки на летната школа на 30-ти август 2024 година ќе започне 51. Меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ. Оваа година конференцијата ќе одбележи три јубилеи: „150 години од раѓањето на Крсте Мисирков“, „95 години од раѓањето на Гане Тодороски“ и „90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски“.
OhridNews











