Oпштина Охрид ќе ги субвенционира сметките за потрошена електрична енергија на ЈП „Водовод“ Охрид. На одржаната седница на Советот, советниците дадоа зелено светло за Предлог Одлука за субвенционирање трошоци за потрошена електрична енергија на ЈП „Водовод“.

Со оглед на економските последици и зголемената цена на електрична енергија и нафтени деривати, законот за минимална плата, економските последици предизвикани од кризите кои ги имаме во овој период се донесе Одлука за субвенционирање на трошоците за потрошена електрична енергија која е во согласност со наведeнните потреби и барања на ова ЈП, истакна координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, Перчо Божиновски.

Опфатот и поддршката пред се зависи од одобрените средства во буџетот за оваа намена во тековната година. ЈП „Водовод“ е должно да достави барање и образложение за потребните средства, а понатаму Општината согласно одлуката ќе пристапи во исплата на овие средства согласно можностите и своите согледувања. Одобрените средства по овој основ се строго наменски и неможат да бидат употребени надвор од целите на наведеното барање, додава Божиновски.

Советниците на седницата изгласаа и измени и дополнувања на Одлуката за општински линиски превоз на патници во Општина Охрид и Одлуката за субвенционирање на линискиот превоз на патници кој заеднички го организираат Општина Охрид и Општина Дебрца.

Во однос на правилниците кои се однесуваат за субвенционирање на општинскиот линиски превоз се донесоа неколку измени, а тоа беа поради изминатата седница затоа што донесовме Одлука за субвенционирање линиски превоз на патници, односно 6 милиони денари буџетски средства кои беа предвидени од програмата на Советот на Општина Охрид и сега тие се прераспределуваат, одат по новите правилници. Во однос на новите цени нема драстични измени, се воведува измена каде вели „при што износот ќе изнесува 10 денари по изминат километар“, што значи оние цени каде максимално се зголемуваат по 10 денари, таму износот за субвенција ќе изнесува 10 денари, додава Божиновски.

На седницата беше прифатена донацијата на спортската веслачка опрема и веслачките реквизити за веслачкиот клуб „Горица Ремо“ – Охрид, како и дадено правото за користење на возило–пајак од страна на ЈП „Билјанини извори“. Беа изгласани и Одлуки за донесување урбанистичко планска документација со цел вклопување на бесправно изградени објекти на територијата на град Охрид.

Н.С.Ј.