Секој жител на Општина Охрид троши 55% повеќе природни ресурси отколку што се достапни во самата општина. Ова го покажува Студијата за еколошки отпечаток што денеска ја усвои советот на Општина Охрид.
Документот претставува основа за подобро планирање и управување со природните ресурси, идентификување на клучните извори на притисок врз животната средина, креирање на политики за одржлив развој и унапредување на квалитетот на живот и заштита на животната средина.
Студијата е дел од годишната програма за заштита на животната средина и природата, а ја изработи консалтинг фирмата Г-Консулт од Скопје по нарачка на Општина Охрид.
Еколошки отпечаток е мерлив индикатор кој ја изразува врската помеѓу активностите на човекот и природниот капацитет на општината, односно колку ресурси може да користи еден град и колку отпад и емисии создава во однос на капацитетот којшто е на природата во границите на самата општина, беше истакнато на презентацијата на студијата во советот на општината.
Студијата е изготвена според стандарди на УНЕСКО, а во пресметките земени во предвид се повеќе клучни области кои имаат влијание врз животната средина како енергетиката, храната, туризмот, инфраструктурата и други сектори и потсектори.
Еколошки отпечаток всушност покажува колку човекот троши и испушта емисии во природата и доколку истиот е повисок од биолошкиот капацитет на општината се случува еколошки дефицит, затоа што се трошат повеќе ресурси отколку што природата може да апсорбира. Во спротивно, доколку биокапацитетот е поголем тоа е позитивно затоа што се создаваат повеќе природни ресурси отколку што се трошат.

Според пресметките, жителите на општина Охрид за 2025 година ги потрошиле капацитетите на природните ресурси на 23 август, што значи дека постои дисбаланс помеѓу потрошувачката на ресурси и влијанието врз животната средина од една страна и реалните природни капацитети со кои располага општината од друга страна.
Тоа значи дека е потребно сериозно еколошко освестување затоа што ресурсите во природата не се неограничени. Потребни се институционални мерки, но зелената агенда треба да стане агенда на секој граѓанин поединечно за да се намали еколошниот дефицит. Заштитата на животната средина, намалување на отпадот и штетни емисии во природата, озеленување, штедење на вода, купување локални производи, намалување на транспортот, се само дел мерките кои всушност треба да станат навика на секој поединец, со што заеднички ќе придонесеме кон зачувување на природата и нејзините ресурси за идните генерации, посочуваат експертите.
Г.М.
Фото: А. Момироска














