Со завршувањето на мандатот на екс градоначалникот Александар Петрески,  заврши мандатот и на досегашниот секретар на општината, Димитрија Вревезоски.

Согласно законот за државни службеници,  оваа функција во локалната самоуправа е единствената која е поврзана со мандатот на првиот човек на општината и завршува по автоматизам- по завршувањето на мандатот на органот кој го именувал секретарот, во овој случај градоначалникот на општината.

Засега останува неизвесно кој ќе биде новиот секретар на општина Охрид, кој треба да биде назначен од страна на градоначалникот Никола Бакрачески.

Согласно законот за државни службеници, секретар може да биде  лице од редовите на раководните државни службеници, со завршено високо образование и да има најмалку три години искуство во раководно звање во државна служба или пак, да биде вработен во јавната администрација, со завршено високо образование и три години искуство на раководно работно место и со положен испит за државни службеници.

Согласно законот, лицето кое претходно ја вршело функцијата секретар на општината, се распоредува на работно место со звање кое го имало пред да биде именувано за секретар.

Т.К.