Советот на општина Охрид, на денешната 50-та седница донесе одлука за исплата на долгот на ОУ„Григор Прличев“ од Охрид кон ЕВН Македонија за потрошена електрична енергија.
Од општина Охрид велат дека оваа одлука се должи на континуираната посветеност за решавање на проблемот со неисплатена електрична енергија, во насока на одвивање на непречена настава за учениците во оваа образовна институција.
-Континуирано сме посветени на решавање на овој проблем. Адвокатските тимови на општина Охрид и на лицата коишто ја имаат блокирано сметката на училиштето се во перманентна меѓусебна комуникација обидувајќи се да ги договорат условите пред се на луѓето кои што ја блокирале сметката на училиштето, со цел да се овозможи трајно решавање на овој горлив проблем со кој се соочивме од почетокот на мандатот. Станува збор за проблем настанат во минатото за којшто во текот на изминатите години се донела и правосилна судска одлука која резултирала и со блокирање на сметката од училиштето. Од тие причини ние како основач, како општина Охрид имаме обврска да обезбедиме редовно одвивање на наставата во рамки на ова основно училиште. Од тие причини денес ја донесовме ова одлука по што ќе следи исплата на средствата кон ЕВН Македонија, изјави Димитар Спасески, секретар на општина Охрид.
На денешната седница, советниците дадоа зелено светло и на одлуката ЈП „Билјанини извори“ да стопанисува со детското игралиште кај каналот Студенчишта, а се донесе и Деталниот Урбанистички план за УЗ 2 блок 2.3 опфат 2 за којшто постапката започнала во далечната 2010 година.
-На наше големо задоволство и на задоволство на граѓаните во изминатава година, година и пол се динамизираа активностите околу носење на овој план што резултираше со согласност од страна на Министерството за транспорт и врски при крајот на минатата година и денес советот на Охрид ја донесе одлуката за носење на овој Детален Урбанистички План, потенцира Спасески.
Во рамки на седницата беа разгледани и усвоени бројни предмети од областа на легализацијата.
OhridNews