Охридската локална самоупрва во текот на наредниот период планира да спроведе активности за подигање на јавната свест за управување со зелен отпад на територијата на општина Охрид. За таа цел преку Електронскиот систем за јавни набавки, деновиве објави повик за изработка на едукативна брошура за управање со зелен отпад. Цената на оваа јавна набавка е 50.847,46 денари, а крајниот рок за доставување на понудите истекува утре, на 4-ти мај 2016 година.
Изготвувањето на оваа брошурата е дел од општинската програма за заштита на животна средина за 2016 година.
-Третманот на органски отпад, односно органската фракција од комуналниот цврст отпад на територијата на општина Охрид се сведува на негово собирање, транспортирање и депонирање заедно со другите фракции од комуналниот цврст отпад. Органскиот отпад не се одвојува од комуналниот цврст отпад, додека органскиот отпад кој се генерира во земјоделието поради непокриеноста на руралниот дел од општината за подигнување на овој вид на отпад, најчесто се фрла или пак се гори. Ваквите начини на постапување со овој вид отпад се голем ризик на животната средина и дирекно придонесува кон загадување на почвата, водите и воздухот, пишува во програмата.
Во неа се појаснува дека постојниот начин на постапување со биоразградливиот отпад не содејствува и со законските решенија од областа со управување со отпадот во Република Македонија, а особено не со системот на интегрално управување со отпадот кој е дефиниран како најприфатлив во сите стратегиски документи кои ја третираат оваа област.
-Од тие причини потребно е да се изработи информативна брошура за подигање на јавната свест за придобивките од селектирањето на биоразградливиот отпад од комуналниот отпад. Брошурата ќе биде насочена пред се кон земјоделците за корисноста на компостот за подобрување на почвата но и можноста за компостирање во домашни услови за помали градини со што ќе се зголеми свеста на граѓаните за поголема заштита на животната средина, се потенцира во програмата.
Инаку во рамки на Годишната програма за заштита на животна средина освен овој проект, за годинава се предвидени и проектите „Воспоставување на катастар на загадувачи на воздухот, водите и почвата“; „Цветни балкони- цветен Охрид“; „Избор на најубаво украсен новогодишен двор или балкон во Општина Охрид за 2016 година“ како и план за одбележување на значајни денови на екологијата.
OhridNews














