На 59. Седница на Советот на Општина Охрид беше усвоена Одлуката за отстапување и трајно користење на објект бр. 3 во Стара Касарна на ООУ „Кочо Рацин“ преку целосната реконструкција и обезбедување современа инфраструктура и реквизити за училишните потреби за современо и модерно остварување на воспитно-образованиот процес.

Со оваа одлука Општина Охрид, во својство на основач на основното училиште ООУ „Кочо Рацин“- Охрид му отстапува на користење недвижен имот на кој општина Охрид има право на трајно користење, лоциран на улица „Кленоец“ во поранешната „Стара касарна“ во Охрид. Објектот од член 1 на оваа Одлука се отстапува на користење на ООУ „Кочо Рацин“ – Охрид за остварување на дејноста – воспитно образовниот процес, што е од посебен јавен интерес. Учениците и вработените ќе добијат нова училишна зграда благодарение на посветеноста на Локалната самоуправа предводена од градоначалникот Кирил Пецаков, раководството на училиштето, централната власт и МОН, вели претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски,

Поддржуваме и гласаме за одлуки кои се во интерес на децата, без разлика дали сме на власт или опозиција, рече Живка Ангелоска, координатор на советничката група на СДСМ и коалицијата.

Тие се нашата иднина! За нив треба сите заедно да се залагаме да им створиме услови за безбеден престој во училиштата. Се работи за заеднички проект на политичките опоненти во државата, позитивен пример дека со волја и чувство за повисоки добра може заеднички да се делува и да се дојде до добробит за граѓаните. Тогаш владата предводена од СДСМ го поддржа амандманот предложен од пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ и одобри 70 милиони денари за реконструкција и адаптација на нова училишна зграда на ООУ „Кочо Рацин“ на нова локација, потенцираше Ангелоска.

Според предвиденото, учениците од септември треба да посетуваат настава во новата училишна зграда.

Инаку, градските советници, денес усвоија и повеќе одлуки од урбанистичката сфера, а се донесоа и одлуки за формирање на паралелки со помалку од 20 ученици во основните училишта и во ОСУ „Св.Климент Охридски“. Со одлука на советниците, спортската сала беше предадена на трајно користење на ЈП „Билјанини извори“.

Н.С.Ј.