Атлетичарот Јован Стојоски кој е актуелен државен првак на 60, 100, 200 и 400 метри и носител на четири државни рекорди имаше средба со охридскиот градоначалник Константин Георгиески.

На средбата градоначалникот на Охрид Георгиески му изрази голема благодарност на атлетичарот за промоцијата на Охрид и најави финансиска и логистичка поддршка за претстојното Европско и Светско првенство.

Стојоски во интервју за OhridNews откри како тренирал во време на пандемијата на коронавирусот која го парализираше спортот и ги одложи Олимписките игри.

Не беше воопшто лесно бидејќи се менува целиот процес на тренирање.  На тоа поле имав малку среќа затоа што Белград каде што живеам имам сопствен фитнес центар и така ја одржував формата. Исто така мерките на почетокот од пандемијата не беа толку строги и можеше да се користат атлетските патеки на стадионите. – изјави Стојоски.

Тој смета дека одложување на Олимписките игри негативно ќе влијае на атлетичарите и останатите спортисти, затоа што цел тренажен процес трае четири години.

Еден олимписки циклус трае четири години и токму така секој натпреварувач или екипа ја темпира формата. Но мора да се соочиме со ситуацијата, во преостанатите 12 месеци да дадеме сите се од себе и да се претставиме во најдобро светло во текот на квалификациите а сенадевам и на Олимписките игри. – рече Стојоски.

Стојоски краткиот престој во Охрид го искористи за тренинг на СРЦ „Билјанини Извори“ и средба со останатите атлетичари од охридскиот клуб. Стојоски се подготвува за првенството во Романија

Во фокусот моментално ми е првенството во Романија, кое се уште не се знае дали и како ќе се одржи. Таму ако биде се во ред ќе се појават најдобрите спринтери од 21 земја и ќе биде вистински предизвик да се брка што подобар резултат. – истакна атлетичарот.

Стојоски ни го раскажа патот до успешен атлетичар.

Во спортот започнав како фудбалер. Но не се пронајдов. Генот од татко ми кој беше шампион на Југославија во кревање тегови си го направи своето. Со атлетиката започнав случајно. Мојот тренер Исмаил Мачев кој е шампион на Македонија на 400 метри ми рече дека имам штоф за спринтерски трки, посебно за 400 метри. Се натпреварувам во пократките спринтерски трки, но 400 метри ми лежи најмногу. – изјави Стојоски.

 

Мх.П.