Општина Охрид почнува со преземање на конкретни активности за трајно решавање на проблемот со кучињата скитници. Како што најави градоначалникот Јован Стојаноски, направен е почетен план, кој опфаќа стерилизација, нега и згрижување на кучињата, што ќе се врши на доброволна основа и во соработка со здружението на граѓани „Анималиа“.

– Истовремено ќе се бара и трајно решение за определуање на локација за стационар. Во соработка со Центарот за развој на југозападниот плански регион ќе аплицираме со проекти за набавка на опрема и обука на кадри од јавното претпријатие „ Охридски комуналец“ за справување со овој проблем. Проблемот не е краткорочен и неговото решавање може да трае подолго време. Затоа мора со заеднички напори на сите граѓани, како и општините Струга, Дебрца и Ресен заеднички да го решиме на долг рок, рече Стојаноски.

Мирјана Лозаноска од Центарот за развој на Југозападниот плански регион, објаснува дека идејата е проектот да се реализира со средства од националниот буџет.

– Ќе аплицираме за средства од националниот буџет, преку програмите за рамномерен регионален развој. Тоа подразбира набавка на опрема и обука на две екипи од јавните претпријатија од секоја општина, кои ќе вршат заловување на кучињата, а потоа соодветна избрана ветеринарна служба ќе врши стерилизација и ќе ги враќа на местата од каде се заловени, што е согласно законот и правилникот, вели Лозаноска.

Во моментот во општина Охрид во рамки на јавното претпријатие „Охридски комуналец“ формално постои служба која треба да ги третира кучињата скитници, но таа веќе подолго време не функционира.

Т.К.